Останато

Се фалат дека има пад на цените од 4,36 %, а колку се зголемија платите?

Автор: Бобан Илијевски

Повторно фалби од страна на Владата. Минатиот пат премиерот рече дека Македонија е една од најдобрите земји во регионот, а сега вицепремиерот за економски прашања вели дека земјава е единствена во регионот и Европа со пад на цените на храна од 4,36 %.

Не знам по кој пат да кажам, веќе станува апсурдно да се зборува за тоа дека во Македонија имаме германски цени, а македонски плати. Доволно е, повторувам ДОВОЛНО е само да се оди во маркет и да се купат основните производи без кои не може еден човек или едно семејство да опстои и ќе се види дека со 1,000 денари може да се наполни максимум половина кеса.

Можеби во Македонија имало пад на цените за процентот кој го кажува вицепремиерот, кој како што вели е според „угледниот сајт www.tradeingeconomics.com“, не ја оспорувам легитимноста на овој сајт, но тој пад е премал за платите коишто ги земаат работниците. Со минимална плата од 20,175 или со средна од околу 25,000 денари, не може да се преживее месецот со цените кои се во маркетите. Едноставно не може.

Во неговата изјава, тој вели дека продолжуваат да се зголемуваат платите во приватниот сектор. Од друга страна, работодавачите велат дека потребно е да се зголеми продуктивноста за да се зголемат платите.

Некако оваа негова изјава не ми звучи во ред, имајќи предвид дека луѓето најмногу заминуваат од одредени гранки во приватниот сектор токму поради ниските плати. Впрочем, неодамна во интервју за Работник, претседателот на Синдикатот за угостителство и туризам кажа дека ниските плати во овој сектор се најголемата причина поради која работниците заминуваат во Хрватска. На анкетата која им дале да ја пополнат на нивните членови, најголемиот процент од нив се изјасниле дека во Македонија би останале за плата од 60,000 денари. Пред две години оваа сума била околу 40,000, но со самото тоа што се зголемија трошоците на живот, се зголемила и сумата за која би останале да работат.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk