Форум: На жената претприемничка ѝ треба поддршка од локалната заедница

На женското претприемништво му треба поддршка од локалните заедници за да може да опстојува и да се развива. Се соочува со многу можности и предизвици. Ова беше нагласено на денешниот форум „Жените во Пелагонија можат да отворат бизнис” што го организира Националната платформа за женско претприемништво преку локалниот координатор.

Претседателката на Здружението на бизнис жени на Македонија и претседател на Национална платформа за женско претприемништво Валентина Дисоска, рече дека последниве години бројките покажуваат повеќе затворање отколку отворање компании кои ги водат жените. Почната е иницијативата за формирање совети во општините. Досега се пет, а до крајот на годинава се очекува да има 15-тина.

– Со пандемијата, а сега и со кризата, евидентно е дека ситуацијата оди малку наназад. Од документите и информациите кои ги побаравме од Централниот регистер, се виде дека бројот на компании кои се отвораат за разлика на бројот на компании кои се затвораат е помал. На пример, во 2019 година разликата е околу 1000 компании, во 2020 е околу 800, во 2021 година таа разлика се намалува на околу 500 компании, што значи повеќе се затвораат отколку што се отвораат. За жал, за нас тоа е негативен тек на работите. Тоа значи дека не се препознава претприемништвото како можност од која може да се живее и да се заработува, ниту претставува можност во опкружувањето за раст и развој на бизнисите во нашата држава. Затоа одиме, разговараме со локалните чинители, градиме совети, веќе имаме изградено неколку совети за женско претприемништово во општините, засега имаме пет, а во најава се уште толку, а можеби и 10 до крајот на годината. Со советите сакаме да направиме тело кое ќе ја движи општината напред на тема женско претприемништво. Значи, ќе се направи мала стратегија за женско претприемништво, акциски план, ќе се видат активностите кои се потребни и понатаму ќе се дејствува на тоа поле. Проблеми има повеќе. Еден од главните е финансискиот. Жените често немаат  средства, немаат имот на нивно име за да може да бараат и банкарски кредити. Од друга страна, економската криза се засилува и тука треба да бидеме умни за глобализација на пазарот. А главен проблем е дигитализацијата која мора да се совлада, објасни Дисоска.

Според Даниела Цветаноска, локален координатор на Националната платформа за женско претприемништво, пелагонискиот земјоделски регион нуди за жените да се регистрират во индивидуални земјоделки, но практиката покажува дека во заднина бизнисите ги водат мажите. Во Прилеп е многу ниска искористеноста на програмите што ги нудат агенциите за вработување и за развој на земјоделството, а недостасува и поддршката на локалната самоуправа.

-Ако мажите се покривот на една куќа, жените се темелите. Има бројни можности и предизвици со кои се соочуваат жените претприемачки. пелагонискиот регион претежно е земјоделски. Главно, жените почнуваат сопствен бизнис како регистрирани индивидуални земјоделки.  Но сето е теоретски и не се случува во практиката и сепак мажите се тие кои во заднината го водат бизнисот. Локалните самоуправи заедно со Агенциите за вработување и за развој на земјоделството имаат многу можности и програми кои жените може да ги искористат, но според податоците од Агенцијата за вработување во Прилеп, бројката на искористени програми и можности жените да почнат свој бизнис е многу ниска. Она што треба да се направи е поголема ажурност на јавните институции. Агенцијата за вработување, образовните институции, поголема ажурност и мобилност на локалните самоуправи за да го поттикнат и да го поддржат женското претприемништво. Тоа може да го направат и локалните самопуправи. Жените се откажувата од долгите обесахрабрувачки административни процедури. А недостасува и информираноста, посебно за жените во руралните средини, изјави Цветаноска.

Младата прилепска адвокатка Викторија Наумоска која три години го води својот бизнис – адвокатурата, вели дека имала голема помош со грантови од Агењнцијата за вработување, но се соочува со мала комуникација со институциите и со предрасудите дека тоа е работа за мажите.

-Од мое искуство може да кажам дека кај нас изгледот и мозокот продаваат.Во мојата дејност проблемот најчесто е поврзан со државните органи и со институциите. Треба да се подобри комуникацијата на населението со институциите. Жените претприемачи немаат доволно поддршка од локалната заедница. Наидуваме на дискриминација дека некои бизниси се предодредени за мажите, а не и за жените. Во мојата професија се гледа дека адвокат треба да биде маж. А дискутабилно е ако станува збор за млада адвокатка, рече Наумоска.

На форумот учествуваа жените претприемнички од Пелагонискиот регион, професорки и локални активистки.