(Фото) Дали Македонски Железници ќе останат без машиновозачи?
Бобан Илијевски
Додатокот на плата за квалитет да се зголеми од 30 на 40 проценти, односно 10 проценти повеќе за ефективно изработена работа во текот на месецот, побараа денеска машиновозачите од Македонски Железници – Транспорт кои денеска се собраа пред капијата на Железница, изразувајќи го своето незадоволство.
Претставникот на машиновозачите, Душко Чакаровски рече дека тие имале додаток на плата од 40 проценти, но со воведувањето на антикризните мерки тој се намалил на 20 проценти. Со декемвриската плата, додатокот им бил покачен за 30 проценти, но нивно барање е тој да се зголеми на 40 проценти.
Тој истакна дека тие вчера оствариле средба со Министерот за Транспорт и Врски, Горан Сугарески од кого побарале и платите на машиновозачите да се зголемат и да бидат не помали од просечната плата.
Прашан за тоа какви се работните услови, Чакаровски рече дека пред се проблемот е егизтенцијата, а потоа и работните услови.
Некои од машиновозачите рекоа дека старите локомотиви се неподносливи. Тие имаат искинати седишта, немааат парно за преку зима, ниту пак клима за преку лето. За новата локомотива којашто неодамна пристигна од Кина велат дека од патничките гарнитури тече вода во кабината. Машиновозачите се пожалија и за пругите кои според нив мора да се реобноват за да бидат побезбедени за нив и секако за патниците.
Фотографии од оштетено седиште и протекувањето на вода во кабината на новата локомотива
На прашањето дали некои од машиновозачите аплицирале за работа во Германија, со оглед на тоа дека од 1 март во сила влегува новиот закон кој значително ќе го олесни заминувањето на работа во оваа држава, Чакаровски вели дека 35 машиновозачи веќе се пријавиле на конкурси за работа во Германија и биле на лекарски преглед.
„Од тие 35 машиновозачи половина 15 луѓе доколку заминат, со тоа што 18 луѓе ќе одат во пензија оваа година, тоа се вкупно 33 машиновозачи. Ние имаме 63 вработени машиновозачи, па со оглед на тие кои би заминале и би излегле во пензија ќе останат само 30 машиновозачи. Нема да има кој да работи“, вели Чакаровски.
Гоце Тодевски, еден од машиновозачите кој се согласи отворено да зборува за Порталот Работник рече дека бил на преглед, добил добра понуда и услови за работа во Германија. Истакна дека прво ќе има една година пракса додека сместувањето, заедно со сметките се платени од страна на тамошната компанија. Тодевски наведе дека ќе добие и работна виза на неопределно време и тоа за целото семејство.
На нашето прашање што би го задржало тука, Тодевски рече дека во Германија ќе има 3,000 евра плата, па доколку тука би му дале половина од оваа плата би останал, но вели и дека мора да се подобрат работните услови, што би било уште една причина за останување.
- Ова е можеби најодалечената, но и најслатката работа на светот: Потребни се луѓе за броење на пингвини на Антарктикот - 13/10/2024
- Боинг укинува 17.000 работни места и ја одложува испораката на 777X - 13/10/2024
- Неделков: Колективните договори ќе се потпишат најдоцна до 20 февруари, платите кумулативно ќе се зголемат за околу 50 % - 12/10/2024