Цанева од Атлантик Група: Се грижиме за нашите вработени и нивните семејства преку различни програми наменети за нега на здравјето и благосостојбата

Бобан Илијевски

Порталот Работник испрати прашања до Атлантик Група, групација која се бави со призводство и дистрибуција, а своја подружница има и во Македонија. На нашите прашања одговори Елена Цанева, Бизнис партнер за дистрибуција во Атлантик група.

Цанева за Работник зборуваше за тоа како Атлантик Група ги мотивира своите вработени, што е она што оваа групација ја прави посакуван работодавач, што бараат да поседува еден потенцијален кандидат за работа…

Работник: Колку вработени има во Атлантик Група, вклучувајќи и ја тука и Македонија?

Цанева: Атлантик Група е голема и високо диверзифицирана компанија составена од дистрибуција и производство – 20 различни брендови, 8 држави и над 5.000 вработени. Конкретно во Македонија имаме производство на кафе и дистрибуција во кои имаме над 270 вработени.

Работник: Како ги мотивирате вработените да бидат продуктивни? Какви стратегии користите?

Цанева: Не постои успешна стратегија во чија основа не се луѓето и тоа е главен предуслов за раст и остварување на нашите стратешки цели, а за тоа потребно е да се вложи многу работа, истрајност, време, фокус, но и ентузијазам и емпатија. Поради тоа, нашата стратегија покрај корпоративните вредности, дефинира и клучни цели и насоки за луѓето и културата во Атлантик Група.

Моментално се водиме според три главни насоки: едноставност на организациската структура и процеси кои го имаат корисникот како главен фокус, избирање и промовирање на автентични лидери кои инсистираат на лична одговорност и градење на односи со вработените преку пружање на можности за раст и развој.

Конкретно, сето ова го пресликуваме во цела низа на иницијативи и ги усогласуваме процесите и програмите со цел да ја поддржат реализацијата на овие цели. Успехот на кој сме особено горди е задоволството и ангажираноста на Атлантиковците кои континуирано растат од година во година, а минатата година достигнаа натпросечни 85% на ниво на цела компанија.

Работник: Што е она што ве прави да бидете посакуван работодавач?

Цанева: Атлантик Група веќе долго време низ годините работи на стратегии за задржување на вработените, овозможувајќи флексибилно работно опкружување во поглед на локацијата, времето и начинот на кој ќе се извршуваат работните задачи. Се грижиме за нашите вработени преку различни програми наменети за нега на здравјето и благосостојбата  како за нив, така и за нивните семејства, поттикнуваме лојалност и ги наградуваме најдобрите преку спроведување на долгорочни програми креирани за да ги задржат вработените во компанијата. При обликување на она што го нудиме како компанија, не се водиме според тоа да покриеме различни профили на луѓе, туку да ги покриеме различните аспекти кои се составен дел од интегритетот на секој поединец. Задоволен човек е оној кој е задоволен со целокупниот негов живот, а не само со она што се случува за време на 8. часови работно време. Настојуваме да бидеме тука за нашите луѓе и нивните најблиски во секој момент од животот, кога им треба наша поддршка или кога бараат инспирација да направат нешто ново или подобро за себе.

Сето ова го препозна и ХР заедницата во Македонија, така што и покрај исклучително јаката конкуренција, Атлантик Група оваа година ја доби наградата за најдобра ХР пракса на годината, во организација на Македонската асоцијација за човечки ресурси.

Работник: Што треба да поседува еден кандидат за да работи во вашата компанија?

Цанева: Нашата визија е да создаваме вредност со вистинските луѓе, кои ги имаат вистинските вештини и знаења, кои се на вистинското место во вистинското време. А, за да го имате сето ова, потребно е да бидете проактивни, да истражувате, да пробувате, да се прилагодувате. Добрите работи во животот, а и во работата, ретко доаѓаат сами по себе, речиси секогаш треба да се посегне кон нив и да се вложи труд, а тоа е прашање на лична одговорност. Всушност, односот кој го градите со работодавачот е ист како и секој друг однос кој го остварувате во животот, а тоа значи дека е потребна активна ангажираност од двете страни. Важно е да преземете одговорност за својот професионален живот и кариера, да знаете што сакате, тоа да го комуницирате отворено и проактивно да барате можности кои ќе ја задоволат вашата лична визија за кариера.

Фото: Атлантик Група

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.