Царовска: Вложуваме во грижата за македонскиот јазик и за сите што придонеле за денешницата
Отворањето на подновената Спомен-соба на Крсте Мисирков е навистина значаен настан не само за Институтот за македонски јазик, чиј патрон е Мисирков, и не само за Министерството за образование и наука, туку за целата држава, затоа што на овој начин се покажува и почитување кон неговото дело, но исто така и вложување во грижата и негувањето на македонскиот јазик и сите оние што придонеле за денешницата, рече министерката за образование и наука Мила Царовска денес, на промоцијата на музејската поставка за животот и делото на Мисирков, основоположникот на првата стандардизација на македонскиот јазик.
Министерството за образование и наука финансиски ја поддржа иницијативата на Институтот за македонски јазик за реставрирање и подновување на Спомен-собата на Мисирков, а кон идејата се приклучи и Градот Скопје.
„Дополнително, за да ја зголемиме грижата за македонскиот јазик и за наставници кои ќе го предаваат македонскиот јазик и ќе го истражуваат и проучуваат, годинава за прв пат обезбедивме и 15 стипендии за студенти што студираат на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. МОН продолжува со политиките кои се во насока на негување и изучување на македонскиот јазик“, нагласи министерката Царовска.
Истакнувајќи ја плодната соработка, Царовска посочи дека Министерството за образование и наука го прифаќа иницијативите кои доаѓаат од Институтот и заедно со Владата, премиерот и Министерството за култура даваат голема поддршка на процесите за зачувување, негување и унапредување на македонскиот јазик.

