Царовска во Краков: Имаме обврска да ги научиме нашите деца да ги препознаат и да бидат гласни против првите знаци на нетолеранција

Секоја генерација треба да се насочува кон стекнување на вистинските етички, морални и човечки вредности и кон препознавање на негативните општествени појави како дискриминацијата, омразата и нетолеранцијата, за да не дојде до нови сериозни катастрофи слични на холокаустот. За тоа е потребно развивање на индивидуалната и колективната свест во секое општество, а ние политичарите и државниците можеме многу да придонесеме кон постигнувањето на оваа цел.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на симпозиум посветен на антисемитизмот во Краков, Република Полска, во организација на Европската еврејска асоцијација, а на кој учествуваа и министрите и државните секретари за образование на Германија, Холандија, Велика Британија, Франција, како и претседателите на парламентите во Босна и Херцеговина и Црна Гора.

“Трауматичните случувања и злосторства од минатото треба да ни бидат поука во сегашноста и да се стремиме кон создавање на подобро општество за секого, во кое ќе нема, или пак, немилите настани ќе бидат сведени на минимум. Ова можеме да го постигнеме најмногу преку системот на образование, затоа што, училиштето е вистинското место каде уште од најрана возраст се учат и развиваат позитивните вредности. Токму во таа насока се и новите наставни програми и материјали кои во Северна Македонија ги воведуваме етапно, а со кои се изучува еднаквоста, инклузивноста, мултикултурализмот, толеранцијата, почитување на правата и различностите”, рече Царовска.

Министерката потенцираше дека антисемитизмот не е само лекција во учебниците во македонскиот образовен систем. Оваа тема не се изучува само преку еден текст напишан на една или две страници од учебник во некое одделение, туку е тема која систематски се разработува на повеќе нивоа, во повеќе одделенија.

Се организираат и воннаставни активности, учениците го посетуваат Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Северна Македонија кој е лоциран во Скопје и со тоа се сензибилира прашањето за холокаустот, а младите се едуцираат да придонесат за никогаш повеќе да не се случи таква катастрофа”, рече Царовска.

По завршувањето на симпозиумот во Краков, учесниците го посетија и концентрацониот логор – музеј Аушвиц, каде оддадоа почит на жртвите на холокаустот.