КолумниНовости

Кој сака да остане во држава, во која пред се, не си ценет како личност?

   Време за читање 6 минути

Бобан Илијевски

Разочарувачки е фактот што најголемиот дел од младите луѓе во Македонија сакаат да си заминат од нашава напатена државичка ЗАСЕКОГАШ, но е очекуван. Кој би сакал да живее во држава во којшто не е ценет како човек и како работник? Никој. Единствено можат да седат само оние коишто лежат дома и на секој први во месецот им легнува плата на сметка. Рекоа дека ги сместија таквите по институциите, но јас се сомневам дека има уште „платени легачи“. Не знам, можеби грешам, но само претпоставувам.

Имено, студијата „Социо – политичко учество на младите: Нееднаквост, неизвесност и различни очекувања“, изработена во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминистер, покажува дека 64,8 % од младите или две третини од нив не се задоволно од своето место во македонското општество.

Истражувањето покажало и дека 58 % од младите би се иселиле, доколку имаат можност, а од нив само 6,9 % би купиле повратен билет односно би се вратиле дома. Ова е доволен показател за тоа во која насока се движи Македонија, а и ја поткрепува мојата теза дека државава ќе биде татковина на пензионери и платени легачи за неколку години. Незадоволството е големо, а според мене ќе стане уште поголемо.

Студијата исто така укажува на тоа дека 69 % од младите никогаш не биле консултирани од институциите, наспроти една третина или 27 % коишто биле консултирани на локално или национално ниво. Не знам кои се овие 27 %, но мислам дека тие се политички приврзаници на партиите, бидејќи ниеден млад човек којшто не е партиски активен, не е консултиран од страна на институциите, што покажува и самата студија.

Тука морам да потенцирам дека студијата вели дека бројот на испитаници кои никогаш не биле консултирани се намалил за 15 % во споредба со истражувањето од 2019 година. Во ред. Секоја чест, но дали се вклучени младите коишто не одат по штабови? Мислам дека не.

Што се однесува до темата Европска унија, студијата вели дека истата е важна за младите, но посочува дека оптимизмот кај нив е опаднат во споредба со 2019 година. Речиси половина (44 %) од испитаниците веруваат дека Македонија ќе стане членка на ЕУ, а просечната година во која сметаат дека тоа може да се случи е 2026 година. Во ред, добро е да бидеме оптимисти, но со ова темпо со кое се движи државата и со сите препреки со кои се соочува, мислам дека многу тешко е остварливо да станеме дел од семејството на ЕУ до 2026 година. Нејсе, колку и да треба да чекаме, тоа не треба да не амнестира од тоа да започнеме да ги имплементираме европските вредности уште од сега. Тоа нема како држава да не чини ништо, напротив можеме само да се зајакнеме како општество, но воедно и да ги унапредиме нашите вредности и што е најважно нашата култура.  

Во студијата имаше уште еден интересен податок, а тоа е дека речиси 8 од 10 млади (77,3 %) сметаат дека властите делумно или воопшто не се грижат за нив и нивните потреби. Ова е навистина точно. Да бидеме реални, ниедна влада досега, па и сегашната, не била вистински заинтересирана за потребите на луѓето. Постојано слушаме само ветувања и лицитации, а во реалност не гледаме ништо од тоа да се реализира во пракса. Постојано го гледаме истиот филм – предизборни ветувања – постизборна амнезија.

Што се однесува до пазарот на трудот и пандемијата со коронавирусот, истиот претрпе големи последици поради кризата којашто трае повеќе од една година. Студијата вели дека на 15 % од младите им се намалила платата во текот на кризата, додека 6 % ја изгубиле работата. Младите и пред пандемијата беа жртви на експлоатација од страна на одредени работодавачи. Најголемиот дел од младите луѓе факт е дека работат на договори на определено време, па кога и да треба работодавачот да го намали бројот на работници, тие му се први на удар. Ова предизвикува дополнителна горчина и незадоволство кај младите кои се манифестираат преку иселување и тоа трајно.  

„За да се подобри животот на младите во земјата, дел од клучните препораки се да се гарантираат средства во државниот буџет за млади и младински политики, општините да формираат локални младински совети и да отворат младински центри, а политичките партии да се заложат младите да бидат застапени во програмите и на кандидатските листи на претстојните локални избори. Да се поддржува младинското организирање и законски да се гарантира средношколското учество. Институциите да работат на информирање и едукација на младите за потребата од вакцинација за спречување на ширењето на КОВИД-19“, се вели во студијата.

Препораките постојано се апелираат до властите, но гледаме дека некако тешко успеваат да ги применат. Зошто е тоа така? Бидејќи не постои политичка волја. Зошто не постои политичка волја? Е, на ова прашање треба да одговорат политичарите, бидејќи само тие го знаат вистинскиот одговор.