„Губењето на македонско здраво работоспособно населние преку договори не е пожелно во овој момент“
Бобан Илијевски
Германските компании бараат меѓународна соработка за да дојдат до стручна работа сила. Според анкетата која ја порачала Фондацијата Бертелсман, а ја спровел Институтот за испитување на јавното мислење „Цивиј“, 57 % од анкетираните компании сметаат дека би било добро ако има повеќе меѓународни договори за вработување или обука на квалификувани кадри.
Ваквиот вид на договор би бил штетен за Македонија
Ваков вид на договор, според македонската бизнис заедница, не треба да се склучи во ниеден случај, затоа што истиот би бил на наша штета, бидејќи со негово потпишување би изгубиле голем дел од квалификуваните работници коишто се уште иднината ја гледаат во Македонија.
Претседателот на Бизнис Конфедерацијата на Македонија Миле Бошков, во изјава за порталот Работник вели дека не смее во ниеден случај да се склучуваат вакви договори со Германија, ниту пак со било која друга земја.
„Нашата работна сила ја имаме подигнато од денот на раѓањето, се до нивната работоспособност, без оглед на тоа дали имаат наполнето 16, 20 или 28 години. Значи, тие луѓе ја чинат нашата држава, нашето општество, многу пари користејќи социјална помош, семејна љубов, општествена љубов…, работоспособност и здравје, пред се. Така да, губењето на здраво работоспособно население, во било какви форми на договарање не е пожелно за нас во овој момент“, тврди Бошков.

Тој се осврна на анализите коишто се направени во Македонија, кои укажуваат на тоа има недостиг од работна сила, а ние ништо не правиме за да ги охрабриме за да работат во македонските фирми и фабрики. Ваквиот договор, како што вели, би ги поттикнал луѓето уште повеќе да бараат опции за да не работат во Македонија.
Потребно е да се носат мерки во насока на унапредување на нашата трудова регулативата, со кои би се создале подобри услови поради кои би останале македонските квалификувани работници во земјата.
„Подобро е да се фокусираме на мерки и на реформи во нашата трудова легислатива, отколку да потпишуваме договори преку кои луѓето, на некој начин, легално ќе ги испратиме да работат надвор за туѓи интереси, туѓи компании и за туѓа економија“, рече Бошков и дополни дека придонесот на секој работник, не е еднаков со платата која ја зема. Во сериозно организирани економии, платата наспроти придонесот е сериозно различен и потребно е да се најде начин како подобро да се користи тој перформанс на работниците за цели поврзани за нашата економија и нашето општество.
Зачувувањето на стручната работна сила го гледа во сериозноста на политиките кои се спроведуваат и мерките кои треба да се преземат. Според него, владините претставници се тие кои ја креираат климата, за да се остане или да не се остане во земјата. Локалната самоуправа потребно е да вложи труд за да создаде што е можно подобри услови, а неопходно е квалитет да покажат и самите компании. Пресудно е реформите во образованието и здравството да бидат одржливи и квалитетни, за да луѓето започнат да стекнуваат доверба во нивната иднина тука.
Секој останува или заминува поради свои причини. Некои остануваат поради семејна љубов, а некои кои се квалификувани остануваат од причина што сметаат дека големината на платата е примарна, но не е пресудна. Луѓе заминуваат и поради тоа што имаме неквалитетни услуги во државата.
„Не можеме ние да се потпираме само на тоа дека имаме економска миграција. Луѓето ја напуштаат државата и поради нивните здравствени, едукативни и инфраструктурни потреби; поврзаноста и начинот на кои комуницираат со светот, начинот на кој патуваат низ светот и начинот на кој се враќаат во нашата земја. Сето тоа е поврзано и тоа се систем на реформи кои ќе треба да ги направиме за да можеме да ги задржиме луѓето тука“, дециден е Бошков.
Со најавувањето на тоа дека ќе се воведе прогресивен данок, особено во ИКТ индустријата, финансиите, самостојните вршители на дејност…, ние изгубивме многу луѓе кои ги откажаа своите вработувања во Македонија. Истите нема да се вратат назад. Сето ова се случи само поради лошо испратена порака за даночна реформа. Вакви грешки во чекори, политички односно со политички пораки не смеат да се случуваат. Треба да се слушаат синдикатите, бизнис заедницата, невладиниот сектор итн.

