Светот на работникот

Колегата ви е пријател, но не си го работи својот дел од работата? Еве како да реагирате

Пријателството со колегите може да ја направи работната средина попријатна, но што кога личноста со која сте блиски почнува да ги занемарува работните обврски и со тоа го оптоварува остатокот од тимот?

На работа поминуваме голем дел од денот, па не е невообичаено со некого од колегите со текот на времето да станеме пријатели. Ваквите односи можат да бидат вредни и да придонесат да се чувствуваме подобро на работното место.

Проблемот настанува кога односот од канцеларијата почнува да влијае врз работните обврски.

Што ако вашиот пријател и колега сè почесто доцни со задачите, префрла дел од работата на другите или едноставно не вложува ист труд како остатокот од тимот? Дали треба да му укажете на тоа или да премолчите за да не го загрозите пријателството?

Ситуацијата не е едноставна, но постојат начини разговорот да го водите без непотребна драма.

Пријателството лесно ги замаглува професионалните граници

Кога колегата го доживуваме како пријател, природно е да имаме повеќе разбирање за него отколку за некого со кого сме поврзани само професионално.

Поради тоа, можеби ќе премолчите кога нема да го заврши својот дел од задачата или дури ќе преземете дел од неговите обврски за да не западне во проблем.

Токму тоа, сепак, може да биде грешка.

Ако постојано ги поправате туѓите пропусти, на колегата му испраќате порака дека неговите обврски можат да почекаат бидејќи на крајот некој друг ќе ги заврши. Во исто време, вие станувате сè пооптоварени, а незадоволството постепено се наталожува.

Ако проблемот продолжи и по отворен разговор, а неговата работа директно влијае врз остатокот од тимот, ситуацијата треба да се гледа како професионален проблем, а не како личен конфликт.

Разговарајте насамо, без обвинувања

Ако веќе имате пријателски однос, нема потреба да го прозивате колегата пред останатите членови на тимот.

Разговарајте насамо и фокусирајте се на конкретните последици од неговото однесување, а не на тоа каква личност е тој.

Наместо: „Ти никогаш ништо не завршуваш навреме“, многу покорисно е да кажете:

„Кога задачите остануваат недовршени, остатокот од тимот мора да преземе дополнителна работа и тоа создава притисок за сите.“

На овој начин не го напаѓате неговиот карактер, туку укажувате на проблем кој влијае врз работата.

Тоа што некој работи поинаку не значи дека работи лошо

Важно е да се направи разлика меѓу колега кој има поинаков стил на работа и колега чие работење навистина ја загрозува работата на тимот.

Можеби вие сакате сè да завршите веднаш, додека вашиот колега работи побавно и дел од обврските ги остава за подоцна. Самото тоа не е доволна причина за критика.

Меѓутоа, ако поради неговиот начин на работа вие не можете да ги завршите своите задачи, се пробиваат роковите или остатокот од тимот мора да го надоместува неговиот дел од работата, тогаш постои проблем за кој треба да разговарате.

Добро е и јасно да ги разделите пријателството и професионалниот однос. Можете да му ставите до знаење дека сакате да го зачувате добриот однос надвор од работата, но дека работните проблеми не треба да се игнорираат токму затоа што сте пријатели.

Понекогаш може да помогне и малку хумор

Ако ситуацијата е поблага и односот меѓу вас е доволно опуштен, проблемот можете да го отворите и преку шега.

На пример:

„Ако продолжиш вака, ќе морам да ти испратам сметка за сите задачи што ги завршив наместо тебе.“

Хуморот може да биде добар начин да проверите како ќе реагира колегата и да му ставите до знаење дека сте забележале што се случува.

Секако, ако проблемот сериозно влијае врз работата, шегата нема да биде доволна.

Пред да заклучите дека е само „мрзлив“, прашајте што се случува

Постои уште една важна работа што не треба да се занемари.

Ако колегата претходно бил одговорен, а неговото однесување одеднаш се променило, можеби постои причина која нема врска со неговиот однос кон работата.

Проблемите во приватниот живот, стресот или други предизвици можат да влијаат врз концентрацијата и продуктивноста.

Затоа, пред да заклучите дека колегата едноставно станал незаинтересиран, можете да го прашате:

„Забележувам дека во последно време малку потешко ти оди со работата. Дали сè е во ред?“

Ако сака да разговара, сослушајте го. Ако можете да му помогнете, јасно дефинирајте што сте подготвени да направите, а што не е ваша одговорност.

Пријателството не значи дека мора да ја работите неговата работа

Најважно е да поставите граница меѓу поддршката кон пријателот и преземањето на неговите обврски.

Можете да му бидете пријател на колегата, да го сослушате и да му помогнете кога минува низ тежок период, но тоа не значи дека треба постојано да го завршувате неговиот дел од работата.

Во спротивно, проблемот само ќе се зголемува, а она што започнало како мала услуга може да прерасне во фрустрација и да го наруши токму пријателството што сте се обидувале да го заштитите.

На крајот, отворениот разговор можеби е непријатен, но често е многу подобар избор од молчењето, наталожувањето незадоволство и тивкото преземање на туѓите обврски.

Извор: BIZLife