Царовска: Договорена е соработка за средно стручно образование со училишта од Истанбул

Министерката за образование и наука Мила Царовска и другите претставници на делегацијата како дел од официјалната посета на Р. Турција денес посетија неколку средни стручни училишта во Истанбул, како и природно математичката гимназија која е едно од најдобрите училишта во државата.

При посетата договорена е соработка во делот на јакнење на средното стручно образование преку обука на наставен кадар, размена на искуства и практики и поддршка во развој на нови профили.

“Нашите две држави имаат позитивно искуство на соработка помеѓу училиштата и заеднички проекти и таа соработка ќе се продлабочува”, рече Царовска на средбата.

Министерката Царовска и другите претставници денес имаа средба со истанбулскиот директорат за образование под чија надлежност се 3 милиони ученици и 200 илјади наставници. На состанокот беа разменети искуства од сферата на образовните политики и разгледани можностите за зајакнување на соработката во делот на основното и средното образование помеѓу двете земји.

Како дел од официјалната посета на Р. Турција, Царовска имаше министерски состанок во Анкара, средба со Претседателот на Големото Собрание на Турција, состанок во централата на ТИКА, како и посета на Универзитетот Тракија во Едрене и средби со претставници на повеќе директорати за образование. Во делегацијата на Република Северна Македонија се и заменик министерот Арафат Шабани и државниот советник за образовни политики Ѓонул Бајрактар.