Интервју со Данче Азманова Мирчевска, Senior Content Writer: Најважно е да те исполнува пишувањето, сè друго се учи
Сѐ повеќе луѓе заработуваат преку пишување на текстови на интернет кои служат за да ги продадат производите на компанијата за која работат. Името на професијата која го вклучува сето ова е content writing.
Во денешното интервју разговараме токму за оваа професија. Наша соговорничка е Данче Азманова Мирчевска, која пред пет години започнала да работи како content writer. Со неа, на прашања за тоа што е content writer, зошто се одлучила за професијата, какви вештини се потребни за да се работи истата…, разговараше Бобан М. Илијевски.
Работник: Која е Вашата професионална позадина? (Вашето CV?)
Азманова Мирчевска: Ја стартував својата кариера уште како студент на Факултетот за новинарство и односи со јавноста бидејќи уште тогаш знаев дека штом завршиш факултет, најдобри шанси да добиеш солидна работа е ако веќе имаш 3 години работно искуство зад себе. Па така, штом завршив факултет, ги имав тие 3 години работно искуство што се бараа во кратките биографии. Имав навистина плодна новинарска кариера како ТВ новинар во ТВ НОВА, новинар и водител на вести во ТВ21, новинар во американската регионална телевизија Live5 News, соработник за повеќе локални и национални веб-портали, радија, итн.
Пред 5 години решив комплетно да си ја променам професијата и да се насочам кон маркетинг индустријата, фокусирајќи се на мојата љубов од новинарството: пишувањето. Работев за неколку домашни и странски компании, а паралелно соработував со голем број на компании на краткорочни и долгорочни проекти, нешто што и ден денеска сè уште го правам во полн ек.
Пред повеќе од една година, одлучив да запловам во претприемачките води основајќи го брендот TrixieBox со сестра ми Зорица, онлајн продавница за тематски подароци за специјални пригоди. Од неодамна ја основав и платформата Working Mom, безбедно катче каде што отворено зборувам за сите кариерни предизвици што ги носи бременоста и мајчинството за една жена.
Работник: Некој од Македонија што има мало познавање Ве прашува што е тоа Content Writer, како би му објасниле?
Азманова Мирчевска: Зависи кој прашува. Ако ме прашува мало дете или баба ми, ќе им објаснам дека пишувам текстови на компјутерот за да помогнам различни производи или услуги да се продаваат подобро.
Ако ме праша возрасна личност, би им рекла дека content writer е личност што пишува различни видови текстови како блогови, објави за социјалните мрежи, содржини за веб-страници, реклами и слично за да им помогне на компаниите што нудат одредени производи и услуги да ја постигнат својата цел (најчесто продажба на она што го нудат).
Работник: Зошто се одлучивте да се определите токму за оваа професија?
Азманова Мирчевска: Бидејќи пишувањето е мојата пасија. Пишувам откако знам за себе. Најпрво започнав со пишување песнички на 7 годишна возраст, а веќе 23 години пишувам и свој личен дневник.
Откако сфатив дека просперитетот како новинар ми е лимитиран во земјава, content writer како професија ми беше некако најблиску до новинарството.
Секако, новинарството е највозбудливата професија на светот и секогаш ќе ми биде работа од соништата, но и да се биде content writer нуди едно исполнувачко чувство, особено изразено кога ќе видиш дека илјадници луѓе ти го прочитале текстот или благодарение на рекламата што си ја напишала, компанијата имала многу продажби.
Работник: Какви вештини и знаења се потребни за да се биде успешен Content Writer?
Азманова Мирчевска: Најважно е да обожаваш да пишуваш и самата активност да те исполнува што дури и времето нечујно ќе ти летне кога пишуваш. Сè друго се учи.
За да бидеш успешен Content Writer, освен пасијата кон пишување, треба да имаш развиена емпатија и добро да ја познаваш својата таргет група, за да можеш соодветно на нивните потреби и желби да го креираш својот текст. Дополнително, треба да не те мрзи да истражуваш и да ги проверуваш работите што ги пишуваш. Златното новинарско правило гласи дека една информација треба да биде потврдена минимум од 2 извори.
Секако, неопходно е познавање од Search Engine Optimization (SEO), а од неодамна и од ChatGPT што навистина може многу да ти помогне во пишувањето. Сега веќе секој може да генерира текст со ChatGPT, но за мене добар content writer е личност којашто штом ќе помисли на одредена тема, веднаш во глава почнува да ѝ тече река од зборови што едвај чека да биде запишана.
За крај, за да имаш фонд на зборови за твоите текстови треба постојано да вложуваш во тој фонд, преку читање книги, се разбира.
Работник: Како некој, на кој англискиот му е втор јазик, може да стане конкурентен како Content Writer на глобалниот пазар?
Азманова Мирчевска: Навистина добро прашање! Конкурентни сме од аспект на плаќањето за нашите услуги. Content Writer чиј мајчин јазик е англискиот секогаш ќе пишува многу подобро и поавтентично од некој кому англискиот му е втор јазик, бидејќи размислува на англиски јазик, додека ние мислата во главата си ја формулираме на македонски, а дури потоа ја преведуваме на англиски.
Имав искуство од прва рака како се платени Content Writers чиј англиски е мајчин јазик, а како оние што не им е. За една сосема иста работна позиција, Content Writer од Англија или Америка заработува во просек 5 пати повеќе од она што ти ќе го заработиш ако ја работиш оваа работа во Македонија. Токму тоа е и причината што многу странски компании отвораат свои претставништва во земјава наместо да ангажираат луѓе од своите држави.
Работник: Од кои професии може полесно да се направи транзиција во Content Writer?
Азманова Мирчевска: Од моето искуство, најдобрите Content Writers се поранешни новинари, учители, писатели или стручњаци за односи со јавноста. Секако, претходната професија воопшто не е важна ако личноста умешно ја владее играта на зборови.
Работник: Што би ги советувале оние кои сакаат да ја работат оваа професија, но не знаат од каде да започнат?
Азманова Мирчевска: Да се запрашаат себеси дали навистина сакаат ова да го работат или го прават тоа само затоа што солидно се плаќа. Потоа, треба да се едуцираат за основите на content writing. Можат самите да учат онлајн, да посетат некој курс или да се консултираат со искусен content writer што ќе ги обучи како да допрат до публиката преку своите текстови. Им стојам на располагање на вашите читатели за било каков совет и да им треба поврзан со content writing и како да го максимизираат својот потенцијал за пишување преку оваа професија.
Фото: Приватна архива

