- Advertisement -
НовостиПравда

Царовска: За квалитетно образование, инвестираме во инклузивни училишта

Царовска: За квалитетно образование - Работник
147views

Еден од приоритетите на Министерството за образование и наука за оваа календарска година е вложување во унапредувањето на образовната инфраструктура, затоа што, тоа е една од основните детерминанти на квалитетот на образовниот систем, покрај квалитетот на наставата. За таа намена, во буџетот предвидовме средства од 1 милијарда денари, што е за два и пол пати повеќе од лани и истите ќе се распределат по општините во зависност од приоритетноста на потребите за интервенции кои ги имаат пријавено во МОН. Со тоа ќе се подобрат условите за образование на над 100 илјади ученици и студенти, но и условите за работа на наставниот кадар.

Ова го истакна министерката за образование и наука за време на денешната посета на општина Ѓорче Петров, каде започнаа активностите за доградба на крило во состав на основното училиште „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во населбата Хром, со што целосно ќе се задоволат потребите на жителите чија бројка е во пораст, а поради недостиг на училишни капацитети, досега дел од децата посетуваа настава во други училишта надвор од нивното место на живеење.

„Општина Ѓорче Петров е дел од инвестициската агенда на МОН за оваа календарска година. Како што гледате, веќе е започната изградбата на уште едно крило во склоп на ова училиште. Тоа ќе биде со површина од 750 квадратни метри, со 5 училници, простории за наставниците, стандардни тоалети и тоалети за деца со попреченост, лифт, простории за разговор со родители,  со што училиштето ќе може да прими многу поголем број ученици од сегашниот капацитет. Практично, сите оние дечиња кои се жители на овој дел од општината ќе се запишуваат и ќе посетуваа настава овде, во близина на своите домови“, рече Царовска.

Таа информираше дека се работи за инвестиција во вредност од 25 милиони денари и истата треба целосно да биде завршена од страна на изведувачот на градежните работи некаде до средината на следната календарска година.

Додаде и дека во општина Ѓорче Петров во моментов се реализира и друга поголема инвестиција – доградба на крило во ОУ „Тихомир Милошевски“ во Волково, а преку проектот за изградба на 145 сали во план е и изградба на спортска сала во ОУ „Јоаким Крчовски“ во вредност од 22,7 милиони денари, како и замена на кровната конструкција во ОУ „Ѓорче Петров“ во населбата Ѓорче 1.

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски изрази благодарност до Министерството за образование и наука и до министерката Царовска што предложените проекти од локалната самоуправа биле прифатени и веќе се спроведуваат. Рече дека очекува изградбата на ова училиште да се реализира и пред роковите предвидени во договорот со изведувачот, со цел што поскоро да биде ставено во функција.