Новости

Царовска: Науката и иновациите се клучни за севкупниот напредок на државата

Царовска: Науката и иновациите - Работник
36views

Живееме во време кога науката и иновациите имаат поголемо значење од било кога досега за развојот на општествата и економиите, во свет во кој многу брзо циркулираат капиталот и луѓето. Тие заменуваат многу други ресурси за економски раст, додека образованието прерасна во основа за индивидуален напредок и социјална мобилност.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на денешната онлајн конференција „Иновација во образованието: поврзување на општествените и хуманистичките науки“, организирана од страна на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје во соработка со Универзитетите во Утрехт и Софија во рамки на Еразмус плус програмата, Клучна акција 2.

Царовска нагласи дека во изминатите три години Владата на Република Северна Македонија посветува особено големо внимание на развојот на науката и поддршка на истражувањето и иновациите, бидејќи се работи за клучни носители на севкупниот општествено – економски напредок на државата и еден од основните услови за интеграција во Европската унија.

„Особено во изминатите неколку месеци се докажа круцијална улога на науката и технологијата и нивниот придонес во справувањето со глобалните предизвици, како што е пандемијата предизвикана од вирусот Ковид -19 и затоа влогот во овие сегменти мора постојано да се зголемува“, рече Царовска додавајќи дека на тој начин се зголемуваат и лимитите на нашето знаење, се развиваат нови идеи, визии и решенија потребни за закрепнување и прилагодување на општеството на новата реалност.

Министерката нагласи дека веќе неколку месеци се работи на планско и континуирано обезбедување на средства наменети за науката, преку грантово, проектно и програмско финансирање.

„Од годинава за првпат  Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука преку грантовското финансирање додели 34 иновациски ваучери со вкупна вредност од 15 милиони денари коишто треба да го поттикнат развојот на науката во нашата држава. Преку овие иновациски ваучери, коишто ќе ги доделуваме и во иднина, од една страна вложуваме во иновацијата, отвораме можности за младите директно да учествуваат на проекти кои можат да ја обликуваат нивната кариера, а од друга страна им овозможуваме на компаниите да ја зголемат својата конкурентност“, истакна Царовска.

Додаде и дека Министерството за образование и наука од идната година воведува поддршка за национални истражувачки програми, а очекувањата се во 2022 година да се воведе програмско финансирање кое ќе се спроведува во континуитет и ќе биде предвидено со целосно нов Законот за научно истражувачка дејност.

Како што рече на крајот од своето излагање, целта на Владата е да направи суштинска промена во третирањето на науката и високото образование и да се зголеми нивото на јавни вложувања во високото образование и научноистражувачката дејност како % од БДП“.