- Advertisement -
НовостиПравда

Царовска: Со образованието поставуваме основи за интеркултурност, родова рамноправност и инклузивност

Царовска: Со образованието поставуваме - Работник
180views

Уште од најмала возраст момчињата и девојчињата ги насочуваме кон родова непрамноправност и улогата на мажот ја поставуваме поинаку од онаа на жената. Основите на сé што понатаму ни се случува се во основното образование. Сите стереотипи против кои со години се бориме со законски решенија и акциски планови и стратегии, постојат како стереотипи и дискриминација и во учебниците и во наставните програми, и во континуитет продолжуваме да ги едуцираме нашите ученици на дискриминација, на нетолеранција, на родова нерамноправност, рече министерката Мила Царовска на промоцијата на Студијата за жените во Република Северна Македонија 2020/2021, сеопфатно истражување на Фондацијата „Фридрих Еберт“, со национален репрезентативен примерок од 1066 испитаници. Истражувањето имаше за цел да ја измери, опише и објасни позиционираноста на женската популација во однос на општеството, семејството, вредностите, образованието, вработувањето политиката, безбедноста и грижата за здравјето.

„Токму затоа, меѓу првите активности што ги имавме во министерството, беше и новата Концепција за основно образование. Концепцијата е дел од  владината програма, но сега не се занимававме само со пристапот на учење што ќе го имаат учениците, туку и за прв пат во концепцијата поставивме три основни постулати на кои мора да се заснова образованието. И многу често ќе видите во јавноста се дискутира – а зошто е потребно во Концепцијата за основно образование во првите страници да има интеркултурност, родова рамноправност и инклузивност. Одговорот е – затоа што многу години заборавивме дека залудно што државата ја има ратификувано Истанбулската конвенција и е донесен Закон за недискриминација, залудно сите други напори, кога во основното образование постапуваме целосно спротивно од европските и светските стандарди коишто треба да ги имаме и кај нас“, нагласи Царовска.

Очекувањата од новата Концепција за основно образование се, веќе да не се случува по граѓанско образование да се учи што е родова рамноправност, или за улогата на жената, или што е демократија, а по мајчин јазик децата да учат дека местото на жената е во кујната и дека таа повеќе треба да се грижи за децата.

За учебниците, министерката Царовска рече дека дел се повлекуваат, но тоа е покажување политичка волја дека работите треба да се менуваат.

„Системското решение е објавено на ЕНЕР, новиот закон за дидактички материјали и учебници, кадешто се поставуваат филтри и кадешто задолжително се поставува и експерт по човекови права и недискриминација, којшто има работно искуство од десет години, за да не се случуваат вакви превиди како досега“, истакна Царовска.

Говорејќи за активноста на жените во политиката, министерката Царовска рече дека не само партиите, туку и системот треба да ги поддржи жените за да можат да бидат политички активни.

 „Политичките партии треба да поставуваат мерит системи во изборот кои жени се поддржуваат и одат напред и добиваат функции, но исто така и во делот на баланс семејство-работа. Задолжително треба да се направат механизми на поддршка на жените коишто сакаат да бидат активни, но од различни причини не можат.  Ако системот не нуди поддршка, не само партиите коишто сакаат да ги поддржат жените туку треба да имаме услуги на локално ниво, училишта коишто се отворени во подолг период, градинките исто така да имаат смени, за да може сите подеднакво да вложат во својата кариера и да се развиваат“, укажа Царовска.