Новости

Царовска: Феријалната пракса е клучна за квалитетно стручно образование, со креативни начини може да се реализира и во новите услови

57views

Феријалната пракса е клучна за да може средното стручно образование да има квалитет. Дадовме можност сите училишта кои поради пандемијата не можеа да ја спроведат, да најдат креативни начини праксата да ja реализираат до јуни наредната година, рече министерската за образование и наука Мила Царовска при работната посета на средното општинско училиште „Цар Самоил“ во Ресен.

„Ова училиште е едно од ретките што и во пандемија спроведе феријална пракса без никаков проблем, заради тоа што имаат сопствени посеви, коишто денеска ги посетив. Имаат механизација и целиот процес од растење до берба на јаболката го спроведуваат учениците, со поддршка на нивните професори, коишто се експерти во областите коишто ги покриваат. Навистина е убаво да се види кога самите средни училишта живеат со струката што ја предаваат и директно ги остручуваат учениците со знаења коишто се потребни на пазарот на труд понатаму“, изјави Царовска.

Таа нагласи дека Министерството ги мотивира и другите училишта да ја спроведат феријалната пракса, затоа што без неа не може да зборуваме за квалитетно стручно образование.

Средните стручни училишта треба до крајот на јуни да ја реализираат феријалната практика и учењето преку работа кај работодавач за учебната 2019/2020 година, што беше пролонгирана поради пандемијата. Потоа, во јули и август треба да се реализира феријалната практика за тековната учебна година.
Феријална пракса изведуваат над 24 илјади ученици во 75 средни стручни училишта.

Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски рече дека нема поголеми проблеми во одвивањето на образовниот процес во општината. Со средства на локалната самоуправа обезбедени се и таблети за учениците од социјално ранливи семејства, со цел непречено одвивање на онлајн наставата.