Четиридневна работна недела во Македонија: Повеќе сон отколку реалност – прво почитување на основните работнички права
Четиридневната работна недела зема сѐ поголем замав ширум светот. Експериментирањето во Исланд, Обединетото Кралство, Белгија, а од скоро и Полска, покажуваат ветувачки резултати. Во Македонија, на многу работници сѐ уште не им се почитуваат основните работнички права. Дали можеме да зборуваме за скратување на работното време кога некои луѓе немаат договори за вработување, стабилна плата и соодветни работни часови? Одговорот на ова прашање го знаеме сите. Многу од оние кои ќе го читаат ова ќе се изнасмеат, и тоа со право. Ние сме многу далеку од четиридневна работна недела.
Единствен светол пример за воведување на четиридневна работна недела во Македонија е компанијата „Андреева Консалтинг“ на Александра Иванова. Проблемот е што една птица не ја украсува пролетта. Инаку, според податоците на 4 Day Week Global, кои имаат спроведено тестирања на четиридневната работна недела на шест континенти, 39% од работниците пријавиле помалку стрес, 55% – волја за повеќе работење и 92 % од компаниите продолжиле и понатаму да го користат овој модел.
Прекршување на работничките права во Македонија
Во многу индустрии во Македонија – особено во градежништвото, текстилната и трговијата – работниците се соочуваат со сериозни прекршувања на работничките права. Само над 80.000 се непријавени работници, а уште поголема е бројката на оние кои се нецелосно пријавени, односно дел од платата ја земаат во плико. Многумина работат прекувремено без тоа да им се плати. За овие работници, петдневната работна недела е теорија, а не реалност, а камо ли пак четиридневната.
Неколку пати претходно пишував дека за јануари оваа година речиси 83.000 работници не зеле плата. Не можам сѐ уште да поверувам дека паднавме на ова ниво – да дозволиме во 21 век, после сите изборени права, конвенции на Меѓународната организација на трудот и борбата на дел од синдикатите, толкава бројка на работници да не можат да земат плата. Ним ништо не им значи воведувањето на четиридневна работна недела и без да им се намали платата.
Во државите каде што е воведен овој модел или каде што се тестира, платите на работниците се останати исти. Верувам дека кога кај нас би дошол моментот да се експериментира, газдите ќе бараат да се намалат платите. Запаметете ми го зборот.
Трудовата регулатива на хартија vs. Трудовата регулатива во пракса
Македонија има закони кои гарантираат одредени права, но нивното спроведување оди многу тешко. Имаме релативно добар Закон за работни односи, но досега не е целосно спроведен во пракса. Државниот инспекторат за труд е со мал човечки капацитет, а казните за газдите кои ги прекршуваат законите често се симболични.
Постојано зборуваме дека треба да се имплементираат законите и тоа останува само на збор. Мислам дека прво треба да го промениме менталитетот и начинот на размислување, а потоа да започнеме со спроведување на законите. Тоа нема да биде така лесно и не може да се случи преку ноќ, но мора да се започне од некаде.
Без вистинско спроведување на законите, од пократката работна недела бенефит би имале само оние кои работат кај вистински работодавачи и се заштитени со законите.
Кој би бил оставен позади?
Доколку Македонија по некое чудо одлучи да тестира четиридневна работна недела или некој сличен модел, тој би можел да се примени само на мал сегмент на формални работници – оние кои се вработени во јавниот сектор. Неформалните работници, оние кои работат со скратено работно време или на привремени договори, би можеле да бидат целосно исклучени од таа можност. Едно фер општество прво мора да се осигура реформата да ги вклучува сите – не само оние кои имаат пристојни работни места.
Што треба да се случи прво?
Идејата за воведување на четиридневна работна недела не треба да се отфрли. Но, пред да се стигне до таму, Македонија треба да ја заврши домашната задача: да ги спроведува постоечките трудови закони, да го поддржува синдикалното организирање и да се справи со непријавените и нецелосно пријавените работници во клучните сектори. Само тогаш намалувањето на работното време може да стане реалност за сите, не само за мал дел од работниците.

