Чкламовска: Фирмите имаат законска, но и морална обврска да ги известат неизбраните кандидати за работа

Често работодавачите не ги информираат неизбраните кандидати дека не се избрани за работната позиција за која аплицирале. Повеќе за ова побаравме да ни каже Билјана Чкламовска,  Legal/HR Manager или подобро кажано професионалец од областа на човечките ресурси. 

Во продокжение ви го пренесуваме целосниот став на Чкламовска по ова прашање:

Завршуваш со образованието и мислиш си ја завршил најтешката задача во животот. Среќен, полн со елан, почнуваш да бараш работа, пратиш огласи по актуелните портали за вработување, испраќаш кратки биографии, мотивациони писма. Трагаш  по работата од соништата, по некое време почнуваш да трагаш по некаква работа за егзистенција, надевајќи се дека ќе бидеш повикан на интервју, дека ќе ти се даде шанса да кажеш кој си и што си што знаеш.

Во тек на моето работно искуство сум го поканила на интервју, секој еден човек што аплицирал на оглас за вработување што сум го објавила и точно знам со каква возбуда во гласот, одговараат дека ќе дојдат. Луѓето доаѓаат полни со надеж и очекување, кај повеќето се  чувствува трема како пред некој испит, размислуваат што да одговорат на секое прашање, обидувајќи се да се допаднат, да бидат избрани……Си заминуваат дома полни со надеж дека ќе ја добијат саканата позиција и чекаат повик, проверуваат да нема некаков абер на меил, СМС пораки, вибер пораки………

За жал, многу апликанти не биваат ни повикани на интервју, ниту добиваат повратен одговор на нивната апликација дека не влегле во првичната селекција, а уште  потажно е што и оние среќници кои биле интервјуирани, чекаат известување, што најчесто се случува ако се избрани, но ако не се избрани, во најголем број случаи, чекањето е бесконечно, известувањето никогаш не стигнува. И што е најстрашно, ретки се компаниите што се исклучоци од овој начин на постапување со кандидатите.

Можете ли да претпоставите што им се случува на барателите на работа после неколку такви искуства??? Можете ли да го замислите нивното разочарување од игнорантскиот однос на македонските компании? Почуствителните го губат ентузијазмот, се повлекуваат, престануваат да вртат по огласите. Можеби и самите сте се почувствувале некогаш така – навредени, понижени ,,помножени со нула”.

Очигледно, многу работодавачи не знаат дека постои ваква одредба во ЗРО:

,, работодавачот мора во рок од пет работни дена од денот на склучувањето на договорот за вработување писмено да го извести кандидатот кој не е избран дека не е избран и кој кандидат е избран и да му ги врати сите документи што му ги доставил како доказ за исполнување на бараните услови за вршење на работата”.

Значи обврската за известување  на неизбраниот кандидат е законска!!! За етичкото однесување на нашите компании да не зборуваме!

Кога оние што треба да си ги знаат законските обврски, не знаат или не сакаат да знаат, или знаат ама не ги имплементираат, како ли кандидатите за вработување да знаат имаат право на одговор? Малкумина знаат дека можат да го пријават работодавачот кој не го испочитувал нивното законско право во надлежниот Инспекторат на труд, а тие што знаат, не го прават тоа мислејќи дека нема фајде од пријавување.

Често пати во огласите, работодавачите се штитат со реченицата: ,,Само кандидатите кои ќе бидат селектирани, ќе бидат контактирани”. Свесно не ја извршуваат законската обврска, со оправдание дека добиваат премногу апликации за една работна позиција и праќање одговор на секој кандидат што не е избран, им одзема многу време..

Не разбирам, толку ли е тешко да се напишат две реченици: ,,Ви благодариме што аплициравте на нашиот оглас, за работното место тоа и тоа, но избравме друг кандидат. Ве охрабруваме повторно да аплицирате на некој наш следен оглас” и да се испрати на сите.

Испраќање одговор на апликацијата за вработување на неизбраните кандидати е пред се морална обврска, покажување почит кон луѓето што ја испочитувале компанијата и одбрале да апклицираат токму на тој оглас. Неиспраќање повратен одговор, макар и негативен, на кандидат за вработување, кажува многу за профилот на една компанија, за нејзината корпоративна (не)култура, за нејзиното (не)почитување на работничките и човековите права, што значи, профил на лош работодавач, за кого достоинствена работа е непознат термин.

 

 

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.