Шахпаска: Со последната измена речиси 13,000 лица ќе добиваат материјален надомест
Бобан Илијевски
Владата на денешната седница го прифати предлог Законот на Министерството за труд и социјална политика за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата кои биле во доминанта државна сопственост, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната прес – конференција.
Со овој предлог Закон, како што рече Шахпаска, се зголемува опфатот за 1,100 стечајци кои ќе добијат можност да остварат месечен надоместок во износ од 9,242 денари, односно 34 % од просечната нето исплатена плата во претходната година.
„Со последната измена речиси 13,000 лица ќе добиваат материјален надомест до вработување или до пензионирање. Со новиот предлог Закон за стечајци ги олеснуваме условите за стекнување на право за материјално обезбедување. Ова право сега ќе може да се оствари со поминати 14 години во работен однос во компании во доминанта сопственост на државата, наместо досегашниот услов од 15 години работен однос“, истакна Шахпаска.
Посочи дека предлог законот произлегол преку директната комуникација со граѓаните, како и од анализата на досега поднесените барања, според кои дошле до сознанија дека не некои им недостигале само неколку месеци да го исполнат условот од 15 години работен однос во компании со доминантна државна сопственост, поради што не можеле да го остварат ова право, притоа потенцираше дека затоа интервенирале во тој услов, со единствена цел да се зголеми опфатот на што е можно повеќе стечајци, додека останатите услови остануваат исти – работниот однос на лицето да му прекинал поради стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 31 декември 2020 година. Ова важи и за оние вработени кои работеле во фирми кои се приватизирале, под услов нивниот работен однос да завршил во период кога компанијата била во доминантна сопственост на државата.
Според Шахпаска, на денот на поднесувањето на барањето лицето треба да биде на возраст од 52 години, за жена односно 55 години за маж; да остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1993 година и од 31 декември 2020 година до денот на влегување во сила на овој Закон, да не било во работен однос.
Правото на паричен надоместок во висина од 9,242 денари, стечајците ќе го остваруваат се до нивното вработување или пензионирање преку Агенцијата за вработување.

