Штом ќе го решаваат проблемот со корупцијата, нека го решаваат и тој со непочитувањето на работничките права

Автор: Бобан Илијевски

САД ќе испраќа тим за санкции во Македонија за да ја решава корупцијата во која сме заглавени преку глава. Можеби, после тоа, би било добро и да пратат нивни експерти од областа на работните односи за да ни помогнат да ги унапредиме нашите работни односи на повисоко ниво. Како што тргнала работата, не гледам дека нашите ќе успеат да направат нешто и по ова прашање.

Се што гледаме во изминативе години е популизам и политика. Минималната плата беше политички зголемена на 18,000 денари, а мислам дека политички ќе ги зголемат и пензиите. Можеби не за брзо, но наскоро. Сепак, се ближат избори. Мислам дека која политичка партија, од овие кои ротираат на власт, да беше, ќе направеше сличен потег. Во Македонија уште од осамостојувањето на државата се билда таа гласачка машинерија. Не залудно се вработува по партиски и роднински клуч.

Ова е доста експлоатирана тема, но нема да престане да биде актуелна се до оној момент додека не се департизираат институциите и вработувањата во нив.

Да се вратам на првобитната теза. Навистина би било убаво кога би дошле и експерти од областа на работните односи од САД, па да им покажат на надлежните што и како да реформираат во трудовиот систем. Можеби и да им кажат како се применуваат законските прописи во пракса. Само експертите нема да се доволни, ќе треба и Администрацијата на САД да им списка на нашите за да ги почитуваат законите, со оглед на тоа дека не им текнува на нив самите. Или можеби им текнува, но им одговара да се прават дека „не знаат шо се дешава“.

Тука ќе бидам краток. Целта ми беше само да ја посочам оваа идеја. Со оглед на тоа дека САД ќе ни го решава проблемот со корупцијата, нека ни ги реши и проблемите со непочитувањето на работничките права и нефункционалноста на работните односи.

Јас сум прозападно ориентиран и верувам во капацитетите на САД, но срамота е после толку инвестирање од нивна страна во нашата држава, да не умееме сами да ги решаваме овие проблеми.

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.