Што би ги спречило некои фирми да ги „заменат“ домашните работници со странски?
Автор: Бобан Илијевски
Државата е должна да изнајде начини преку кои ќе ги мотивира невработените да се преквалификуваат за професиите кои се нудат на пазарот на труд. Изминативе денови постојано слушаме за увозот на работна сила и за тоа дека истиот ќе трае се додека не се квалификуваат домашните работници. Сепак, едно од прашањата кои се појавуваат е: дали одредени компании ќе сакаат македонски работници, откако ќе им дојде многу поевтина работна сила од надвор?
Мислам дека ова е едно од најглавните прашања на кои одговор бараат и домашните работници. Зошто ако странските работници би се нафатиле да работат за 200 евра, на некој домашен би му дале повеќе пари за да ја работи истата работа?
Се надевам дека наскоро ќе добиеме одговор на ова прашање.
Сепак, се знае дека странските работници доаѓаат и си заминуваат. Може денеска да бидат тука а утре да заминат во Хрватска или Германија. Постои и можност, доколку некои од нашите работодавачи ги „заменат“ домашните работници со странски, кај нашите да избие уште поголем револт од сегашниот и да започнат помасовно да си заминуваат од Македонија.
Еве, во Србија се случи токму тоа. 40 работници беа отпуштени поради деловни причини (технолошки вишок), за да на нивното место бидат вработени 65 странски работници. За да не се случуваат вакви работи и кај нас, мислам дека ќе биде потребно да се создаде некаков механизам кој би ги заштитувал домашните работници да не бидат заменети со странски. Каков треба да биде тој механизам потребно е да кажат експертите.
Јас не верувам дека вистинските работодавачи ќе го прават ова, но, за жал, ќе има такви коишто ќе се обидуваат да најдат некакви дупки во законите за да си обезбедат поевтина работна сила.
Морам тука и да испратам апел до невработените. Учете и стекнувајте нови вештини. Не можете да велите дека нема работа, а да не преземате ништо за да бидете компетентни. Недостигот на работна сила си зема свој данок – работните места остануваат празни. Има каде да се вработите. Само потребна е ажурност.
За на крај би сакал да потсетам дека не треба да се заборави она очигледното. Работодавачите или државата ќе мора да им платат билет на странските работници за да дојдат до Македонија, а згора на тоа и да им обезбедат сместување и храна. Овие пари, кои би биле повеќе од 2,000 евра, би требало да се наменат токму за привлекување на домашните работници. Младите, преку платена пракса и добра плата, а постарите преку зголемување на платите и нудење на добри бенефиции.
П.С. Овие пари би можеле да се вложат и во преквалификување на невработените луѓе.
- Секој четврт вработен во Германија работи од дома (Анкета за читателите) - 25/03/2025
- Дарко Шпер и понатаму штрајкува со глад, Извршниот одбор на синдикатот Независност одржал седница во РТВ - 24/03/2025
- Одлучувачки при вработување: 10 брзо растечки вештини кои компаниите сакаат да ги видат во вашето CV - 24/03/2025