Што е спорно за синдикатите во преговорите за зголемување на платите?
Бобан Илијевски
Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура пред неколку минути објави Фејсбук статус во кој го посочи исходот од денешната седница на Економско – социјалниот совет.
Имено, Неделков напиша дека синдикатите и Владата се согласни и минималната и просечната плата да бидат основа за пресметка на платите во јавниот сектор. Сложеноста на работните места ќе биде изразена во коефициенти кои ќе се утврдуваат со грански колективни договори.
Она што е спорно е динамиката на усогласување на платите, за што, како што пишува Неделков, ќе се дискутира на следната седница на ЕСС која треба да се одржи следната недела. На истата, ќе се презентира и симулација на порастот на платите на одреден временски период.
Неделков, во краток разговор за порталот Работник, рече дека останува да се реши и прашањето дали платите ќе растат линеарно или процентуално со растот на минималната плата, како што и предлагаат од СОНК и Конфедрацијата на слободни синдикати – КСС. Тој смета дека ова прашање ќе треба да се реши на следната седница на ЕСС.
Претходно од Владата излегоа со соопштение за седницата на ЕСС во кое посочија дека ќе се направи симулација на порастот на платите и според минималната и според просечната плата, а ова го потврди и Неделков.
Во соопштението стои и дека Вицепремиерот Битиќи, се осврнал на два предлози за пресметка на платите во јавниот сектор, првиот предлог од страна на Владата е во дефинирањето на бруто плата да се земе минимална бруто плата и на тоа да се додаде бројот на бодови и вредноста на бод. А вредноста на бодот да ја носи Собранието.
Во однос на Предлогот на синдикатите, во основната бруто плата да се дефинира просечната бруто плата помножена со коефициент на сложеност на работното место. Вицепремиерот посочил дека, за да се стигне до посакуваната цел е потребен транзициски период за целосно усогласување со просечната плата. Со ова, од Владата сакаат да кажат дека не може сите 130,000 вработени во јавниот сектор наеднаш да земаат плата која ќе се пресметува според просечната.

