НовостиПравда

Јаневска: Со УНИЦЕФ заедно градиме воспитно-образовен систем каков што заслужуваат младите

   Време за читање 1 минута

Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ ќе ја продолжат досегашната плодна соработка насочена кон обезбедување квалитетно образование на секое дете. На средба со претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер, министерка за образование и наука Весна Јаневска ја потврди личната и посветеноста на новата Влада кон градење држава во која младите луѓе ќе сакаат да останат да живеат и да работат. Темелен аспект во оваа насока е обезбедувањето опипливо подобрување на воспитно-образовниот систем.

Двете соговорнички споделија видувања за стратешките предизвици пред кои во моментов е исправено македонското образование и кои се активностите и мерките што се предлагаат за нивно надминување. Министерката Јаневска ја нагласи потребата за континуитет на досега преземените реформи во образованието како и за промени на решенијата за кои има јавно незадоволство. Таа укажа дека сите ревизии ќе се направат преку широки јавни расправи и со вклученост на сите релевантни чинители.

Во услови на брзи промени на светот во кој живееме, водени од иновациите и технолошкиот развој, неопходно е да посветиме посебно внимание младите да стекнат напредни информатичко-комуникациски знаења и вештини, посочи министерката Јаневска, додавајќи дека искрено сметаат на поддршката на УНИЦЕФ во реализирањето на заложбите.