ЈА УБИЈА ЧЕСТА, ЗА ДА ЖИВЕЕ СРАМОТ

Колумна на Александра Андреева

Периодот околу Нова година најчесто е период во кој ги сумираме успесите и падовите од изминатата година, кога се потсетуваме на сите цели што сме си ги поставиле и правиме резолуции со самите себе за нови „to do“ листи во наредната. 2022 беше година кога кризите кои се надоврзуваа една на друга само уште повеќе ни ги истакна нефункционалностите на системите и институциите, ни го покажа вирусот кој со години ја јаде државата одвнатре, како паразит својот домаќин.

Се претворивме во општество кое Сталин би го опишал со една мисла: „Едно убиство е трагедија, многу убиства – статистика.“ Толку многу сме бомбардирани со црна хроника наслови, со скандали, со сеење страв од се и величање на изопачени вредности наспроти оние нешта кои вистински треба да се негуваат, што за жал веќе се ни е само бројка, се ни е нормално. Или ни станува за ден или два. Ја убија честа, за да живее срамот.

Штедиме на лекови за да јадеме бифтеци, го даночиме денарот за да го ослободиме милионот, и сето тоа додека сме неми набљудувачи на животот кој мине во неправда. Или со други зборови, кај некој лебот е тврд, кај некој дијамантите се ситни.

Под изговор на реформи не само што ја уништуваме сегашноста, ами посегнавме и во минатото, не гледајќи во иднината. Различноста во мислењата не само што не се стимулира со цел добивање на оптимални решенија, туку истата е и непожелна и под контрола како во некој роман на Орвел.

А за да е иронијата уште поголема, се ова е под превезот на некои невидливи, непостоечки стандарди и вредности кон кои се стремиме. По примерот на овој, по барање на оној, како Пилат пред да го предаде Христос на народот да Го распне си ги миеме рацете оградувајќи се од одговорноста за одлуките што ги носиме за својот и за туѓите животи. Зашто така е полесно.

Но, продолжувајќи во библиски контекст, каде се вели дека се има свое доба, и секоја работа под небото свое време, така силно верувам дека времето за да станеме и се промениме е сега. Вчера помина, утре е неизвесно, но сега ни е во рацете. Наместо да роптаме и кукаме додека кружиме како Израелците во пустината цели 40 години, или само немо да набљудуваме како животот ни изминува, да бидеме луѓе кои ќе го препознаат своето време и не само што ќе ја видат Ветената земја, туку и ќе ја изградат – чесно и достоинствено!