ПравдаСветот на работникот

Јовановски: Не сакаме волница, сакаме да ни се исплатат платите

Јовановски: Не сакаме волница - Работник
226views

Вработените во „Тетекс јарн лимитед“ сакаат да им бидат исплатени двете заостанати плати за февруари и март, наместо да бидат исплатени во стока, односно да ми биде дадена преостаната волница во фабриката, вели за Порталот Работник, Никодин Јовановски, работник во компанијата за предиво и волница.

Тој истакна дека на средбата со директорот на компанијата, Петре Камбуров им било речено дека адвокататот на компанијата ја блокирал сметката, но Јованови вели дека тие прашале во Управата за јавни приходи, од каде им било речено дека сметката не е блокирана.

Јовановски посочи дека Камбуров им рекол дека сегашниот сопственик кој е од Бугарија не бил моќен да им ги исплати платите.

„Во фабриката има преостанато волница, но не знаеме во колкава количина и вредност е. Директорот ни рече дека сака да ја продаде волницата и дополнително да не исплати, но ние со тоа не се согласуваме“, вели Јовановски, додавајќи дека истото им се случило и во претходната компанија, кога како што вели, биле изиграни.

Што се однесува на синдикалното организирање, Јовановски наведе дека сеуште немаат побарано помош од страна на некои од синдикатите, но постои голема можност да го направат тоа во најскоро време, доколку не се изнајде решение.

Според Јовановски, постои можност да пријават и во финансиската полиција за да не ја изнесуваат волницата од компанијата и да ги изиграат како претходно тоа што го направиле.

Директорот им рекол дека следната недела ќе имаат повторно средба на којашто ќе се дискутира за можно решение на ситуацијата. Сепак, 160 – те работници коишто во март месец останаа без работа, се согласни повторно да излезат на протест, доколку не се исполни нивното барање.

 

Бобан Илијевски