Ќе ви треба при подготовка за разговор за работа: Како да одговорите на прашањето „КАДЕ СЕ ГЛЕДАТЕ СЕБЕСИ ЗА ПЕТ ГОДИНИ?“

Голем број на кандидати за вработување барем еднаш во, ако може така да се нарече, процесот на барање на работа, ќе се соочат со прашањето „каде се гледате себеси за пет години?“.

Веб страната за оценување на работодавачи „Glassdoor“ објаснува зошто работодавачите го поставуваат ова прашање и како можете да одговорите на истото.

Според платформата, работодавачите често го поставуваат ова прашање со цел подобро да ги разберат вашите идни цели и како истите одговараат на позицијата на којашто аплицирате.

Нема ништо лошо во тоа да не знаете каде се гледате себеси за пет години. А, и ретко кој може да предвиди дали неговите цели ќе останат исти, бидејќи тие можат да се менуваат. Сепак, не е на одмет да се подготвите да одговорите на ова прашање, бидејќи од вашиот одговор може да зависи тоа дали ќе ја добиете работната позиција.

Кога сме кај тоа зошто работодавачите го поставуваат ова прашање за време на интервју за работа, во прилог Glassdoor одвојува неколку причини:

Дали ќе останете на работната позиција максимум пет години

Зависно од тоа за каква работа аплицирате, должината на времето кое работникот ќе го помине на позицијата варира. Што подолго еден работник останува на работната позиција, толку помали ќе бидат флуктуацијата или менувањето на работните места и трошоците во компанијата. Доколку не можете да се видите себеси на таа позиција или во таа компанија во следните неколку години, тоа на работодавачот му претставува значајна информација и му помага да донесе одлука дали да ве вработи или не.

Дали вашите цели одговараат на она што го нуди работодавачот

Сигурно си имате поставено цели во однос на тоа како сакате да се развивате себеси на позицијата за која сте аплицирале. На пример, доколку аплицирате на почетна работна позиција, но сакате да напредувате до некоја менаџерска позиција во следните пет години, интервјуерот може да ви даде информации дали е тоа можно во компанијата. Дополнително, доколку започнувате на една работна позиција, а имате цел да се префрлите на комплетно нова позиција во друг оддел, ќе сакате да знаете дали таа опција е можна во конкретната компанија.

Овие два фактори им помагаат на работодавачите да одлучат дали вработениот е вистински избор за компанијата на долг рок. Информациите кои ги овозможува работодавачот базирани на овие фактори, исто така, ќе ви помогнат и вам да одлучите дали компанијата е вистински избор за вас и дали таму ќе можете да ги постигнете вашите професионални цели.

Како да одговорите на „каде се гледате себеси за пет години?“ на интервју за работа

Glassdoor советува дека би било добро за вас да се подготвите да го одговорите ова прашање уште пред да одите на интервју за работа. На тој начин, можете да подготвите добро смислени одговори и правилно да ја пренесете пораката којашто сте ја замислиле.

Платформата издвојува три чекори за тоа како да се подготвите да одговорите на ова прашање:

  1. Поставете чисти кариерни цели

Одвоите малку време да размислите за тоа кои се вашите цели за наредните пет години. Дали сакате да стекнете нови вештини? Дали би сакале, евентуално, да преминете на менаџерска позиција? Дали сакате да работите на одредени проекти? Дали сте заинтересирани да работите во одредена индустрија? Ова прашање можете да го одговорите и на тој начин што ќе размислите како сакате да изгледа вашето CV за пет години од сега. Дали сакате да добиете одредени сертификати или да се стекнете со одредена титула? Направете листа на овие аспирации.

  1. Најдете поврзаност помеѓу вашите цели и описот на работната позиција

За да можете да ги усогласите вашите цели со работата за која аплицирате, разгледајте го описот на работната позиција и видете дали ќе можете да пронајдете дали има вештини кои веќе ги имате стекнато, како и такви во кои би сакале да бидете поискусни. Ова ќе ви помогне да ги усогласите вашите цели со позицијата на која аплицирате.

  1. Прашајте се себеси дали компанијата може да ве подготви за остварувањето на целите

Многу е важно да бидете искрени за тоа дали компанијата во која аплицирате за работа може да ве подготви да ги постигнете вашите кариерни цели во следните пет години. Доколку не може, треба предвреме да го известите работодавачот дека не планирате да останете во компанијата пет години.

За крај, ви посочуваме еден пример за тоа како треба да изгледа еден одговор на ова прашање:

„Мојата најголема цел е во следните пет години да ја усовршам мојата работна позиција и да напредувам во менаџерска улога во мојот оддел. Бев привлечен од страна на пресонализираниот пристап кон обуката кој вашата компанија го има објавено на веб страната и навистина верувам дека овој пристап кон обуката може да ми овозможи да научам нови вештини и да се развивам. Во следните пет години, се гледам себеси како дел од нови и интересни проекти во склоп на вашата компанија кои ќе ме подготват за менаџерска позиција во организацијата“.  

Извор: Glassdoor

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.