Колумни

Ќе отвори трафика и ќе работи сам од „јутра до сутра“ – Иднината на еден „закоравен“ газда

   Време за читање 3 минути

Автор: Бобан Илијевски

Можеби сте забележале, јас имам, дека премногу малку се зборува за вработените во приватниот сектор – оние коишто го полнат буџетот, од кој оние другите (се мисли на јавниот сектор) земаат плата.

Вработените во приватниот сектор се од круцијална важност за функционирањето во една држава. Во другите земји, тој е еден од најразвиените сектори, во кој речиси сите сакаат да работат. Кај нас, мал е бројот на луѓе што сакаат да работат во приватен сектор и тоа со право. Таму се најниските плати, најлошите работни услови и најголемите прекршувања на работничките права. Има компании коишто ги исполнуваат сите можни стандарди во однос на работниците, но тие се многу малку во споредба со оние кои се‘ уште ги третираат работниците како робови.

Пред некој ден, еден мој пријател ми кажуваше за Алкалоид, за работните услови коишто им ги овозможува на работниците – високи плати, дополнителни бонуси, бенефити и флексибилности. Камо среќа постојано да слушам вакви приказни, наместо тажни и исполнети со болка, а во овие три и пол години имам слушнато многу такви.

Газдите коишто не сакаат да го сменат начинот на работа се правдаат велејќи дека во државава имало само неработници. Така им одговара да зборуваат, бидејќи тие се‘ уште ги гледаат работниците како средства за остварување на профит, а не како соработници со кои би требало да изградат една успешна компанија, без разлика дали се работи за мала, средна или голема.

Времињата покажуваат дека за таквите газди нема просперитет и дека ќе завршат како сопственици на мали киосци (без навреда на оние коишто имаат киосци/трафики), каде ќе работат од утро до вечер и тоа сами. Никој од нив не се одважува да ги согледа трендовите коишто се случуваат на пазарот на труд и да сфати дека новите генерации на работници повеќе го немаат истото ниво на толеранција како претходните.

Интернетот и дигитализацијата направија чуда со тоа што отворија многу професии и со тоа што дури овозможија да се најдат курсеви и тренинзи за да може да се научат како да се работат тие професии. Јас познавам еден човек од мојот роден град, којшто сам научил како да дизајнира апликации. Нема ниту факултет, ниту посебни дипломи, па заработува над илјада евра плата работејќи како дизајнер на апликации во една многу успешна ИТ компанија.

Не знам, можеби не го зеле газдите во предвид моментот дека се повеќе млади работници се пренасочуваат кон она што сакаат да го работат, па дури и дека имаат можност да остварат пасивни приходи (приходи остварени преку работа која не е на полно работно време), и на тој начин да бидат финансиски стабилни.

Ќе дојде време кога нивен најголем конкурент ќе стане новата технологија, која и тоа како ќе ги презема работниците.

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.