МакедонијаСветот на работникот

ЌЕ СЕ РЕШИ ЛИ НЕКОГАШ ПАРАДОКОСТ? Експертите велат дека потребни се законски интервенции и соодветна евиденција во Агенцијата за вработување

Невработеноста во Македонија во четвртиот квартал од 2024 година изнесувала 11,9%, но на работодавачите повторно им недостигаат над 10,000 работници. Прашан за овој парадокс во интервјуто кое неодамна го направивме со него, Универзитетскиот професор и експерт од областа на трудовото и социјално право, Проф. Д-р. Лазар Јовевски рече дека тоа се должи на несоодветната евиденција.

„Парадоксот на македонскиот пазар на труд се должи на несоодветната евиденција којашто треба да се прочисти во рамки на Агенцијата за вработување и на системот којшто нема, би рекол, вистинска контрола и надзор на оние коишто најчесто се корисници на социјална помош или други социјални права“, истакна Јовевски.

Според него, тие не сакаат да влезат во системот на трудот поради стравот од губење на статусот којшто го имаат согласно законот за социјална заштита.

Професорот посочи дека улога во сето тоа игра и структурата на потребата од нови работници.

„Во одредени гранки имаме поголем процент на недостиг на работна сила, додека во други таа потреба е мала, а некаде има и вишок на работна сила. Така што, структурата на потребата од нови работници не е униформна за целото стопанство, туку е во однос на различните потсектори во самото стопанство“, рече Јовевски.

Има ли парадоксот решение?

Професорот смета дека потребни се одредени законски интервенции коишто ќе можат да се применат во пракса. Според него, првиот чекор веќе е направен со носењето на Законот за работно ангажирање, каде што лицата кои користат социјална помош, ќе можат да бидат работно ангажирани, без да го изгубат својството на корисници на социјална помош.

„Ќе видиме кои од тие луѓе кои користат социјални права се работоспособни и реално сакаат да влезат на пазарот на трудот. Статистиките покажуваат дека дел од нив веќе работат на „црниот“ пазар, каде што земаат одредени примања коишто ја надминуваат и просечната плата на граѓанин во државата“, објасни нашиот соговорник.

Дополнително, ќе ни бидат потребни и мерки кои ќе го дестимулираат зголемувањето на бројот на баратели на социјална помош.

„Не е идејата системот да го поддржува зголемувањето на бројот на баратели на социјална помош, туку напротив да им помага на луѓето што пократко време да бидат во состојба на социјална загрозеност, односно на маргините на пазарот на трудот“, додаде тој.

Потребни се обуки и преквалификации

Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров за порталот Работник рече дека од оние 100,000 активни баратели на работа во Агенцијата за вработување, 60 % се со основно или без основно образование.

„Ова зборува за фактот дека на овие невработени им се потребни обуки и преквалификации за да можат да се вклучат на пазарот на труд“, вели Димитров.

Голем број од тие што се невработени, претпоставува Димитров, а коишто земаат социјална помош или пак надомест за вработување – работат на црно.

„Затоа е потребно најпрвин да откриеме каде се овие луѓе, зошто не се јавуваат на огласите за вработување и зошто не прифаќаат обуки и преквалификации? Долгорочно решение на овој проблем се реформи во образовниот процес, усогласување на образовните профили со потребите на стопанството, дуалното образование, борба против сивата економија и сл. Нашите институции мораат да покажат повеќе интерес кон надминување на овие проблеми“, заклучи Димитров.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk