СветСветот на работникот

Пензионерите сега можат да работат со полно работно време: „Пензијата не е доволна ни за основните трошоци“

Од 2026 година, пензионерите во Хрватска ќе можат да работат со полно работно време со исплата на половина пензија. Додека некои работат за да ги надоместат ниските примања, други сакаат да останат активни и да го пренесат своето искуство на помладите. Новата мерка предизвикува поделени мислења.

Од почетокот на оваа година во Хрватска стапија на сила измени со кои на пензионерите им се овозможува да работат со полно работно време, а притоа да добиваат половина од пензијата.

Претходно постоеше можност за работа четири часа дневно со целосна исплата на пензија. Новата мерка, сепак, предизвика мешани реакции во јавноста, пренесува Net.hr.

Младен Шопрек, кој се пензионирал по седум од вкупно 38 години работен стаж, и понатаму работи како таксист.

„Пензијата ми е толку ниска што не можам ни основни работи да купам откако ќе ги платам сметките, па сум принуден да работам за да можам да живеам“, вели Шопрек.

Неговата пензија изнесува 470 евра, а претходно работел во фабрика за автобуси, како угостител и како автомеханичар.

Слично искуство има и Љиљана Колиќиќ од Загреб.

„Имам 41 година работен стаж, а пензијата не е ни 600 евра. Мислам дека со тоа сè кажав“, додава таа.

Таа работела пет до шест часа дневно, често во тешки услови, посочувајќи дека има болки во нозете и ’рбетот.

За некои – не е сè во парите

Од друга страна, дел од пензионерите работат не толку поради финансиски причини, туку од желба да останат активни.

Јосип Цвиташ од Загреб вели:

„Уживам во создавањето нешто, а кога ќе ги видам резултатите, тоа навистина ми причинува задоволство.“

Поделени мислења

Не сите пензионери ја поддржуваат новата мерка.

Томислав Задровец смета дека таа не е правична:

„Ако некој ја заслужил пензијата, треба и да ја добие.“

Иван Рениќ, пак, истакнува дека е добро што искуството и знаењето на постарите работници може да се пренесе на помладите, особено во индустриите каде што недостига работна сила.

Сè повеќе пензионери на пазарот на труд

Според податоците на Хрватскиот завод за пензиско осигурување, повеќе од 35.000 пензионери работат со половина работно време, најмногу во Загреб. Се очекува околу 9.000 од нив да ја искористат новата можност за работа со полно работно време.

Вишња Фортуна, претседателка на Матицата на пензионери на Хрватска, нагласува дека причината за работа не е секогаш само финансиска.

„Не е само ниската пензија, туку и желбата да останат вклучени во светот на работата“, вели таа.

Иванка Маргетиќ, претседателка на Матицата на пензионери Максимир, додава дека мерката различно влијае врз пензионерите во зависност од висината на пензијата.

„За оние со повисока пензија, ова е дополнителен плус, додека за оние со ниска пензија претставува многу важен извор на приходи“, истакнува таа.

Младен Шопрек заклучува:

„Работата во пензија не е проблем, но многумина очекуваат мир и одмор. За некои тоа е начин да останат активни, а за други – единствениот начин да преживеат.“

Извор: M.A./EUpravo zato / index.hr