КолумниНовости

Џабе добра плата ако системот е трул

   Време за читање 2 минути

Еден млад човек лежи на креветот во својата соба и скрола по социјалните мрежи на телефонот. После секоја трета фотографија од некоја девојка која се сликала со своите другарки и некој семи-комичен статус, наидува на објава од некој медиум чиј наслов гласи: „Прегазена девојка на Партизанска додека поминувала на зелено за пешаци“. Младиот човек длабоко го погодува насловот, но се потсетува дека не е првиот кој го прочитал, па не е зачуден. Скролајќи надолу очите му залепуваат на нов наслов – „Скопје е прв по загаденост на воздухот во светот“, но и овој наслов не го зачудува, бидејќи Скопје секоја зима е загаден. И така, секојдневно додека скрола по телефонот чита некој наслов кој ја покажува трулоста на системот.

Не можејќи веќе да го поднесе сето тоа, решава да купи билет во еден правец за некоја од западноевропските држави и заминува. Не заминува за да заработи повеќе, тој и тука зема солидна плата која му овозможува добар живот, работејќи за една странска компанија која нуди можност за работа на далечина. Заминува поради тоа што не може повеќе да ги гледа неправдите кои се случуваат наоколу. Преку глава му е од сѐ.

Оваа приказна е измислена, но и тоа како е реална, бидејќи многу од младите, но и повозрасните луѓе се чувствуваат вака. Многумина од нив иако заработуваат солидно, не можат да живеат во држава каде што корупцијата, криминалот, енормно лошиот судско – обвинителски систем, но и доста други работи, секојдневно им ги влошуваат животите.

Тука не ги спомнав оние кои мака мачат да го преживеат месецот со ниските плати, за нив ќе посветам една цела колумна, иако досега многупати т.е. да бидам попрецизен најмногу пати имам пишувано за нив.

Оваа мини колумна нека послужи како еден потсетник за Владата дека треба итно и неодложно да ги решава наталожените проблеми.

Ставовите изразени во колумната не ги одразуваат официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.