Џабе е се, ако не ги решите корупцијата, непотизмот и партизираноста – младите ќе продолжат да си заминуваат

Знам дека сум досаден, но морам, бидејќи уште од самиот почеток си дадов на себе обврска да ги таргетирам клучните проблеми. 90 % од младите сакаат да се иселат од државата. Ова го констатира новото истражување коешто пред некој ден беше презентирано на конференцијата која ја организираше Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во рамките на европскиот проект „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес”, а во соработка и со Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ).

Мора вака поформално да објаснам за што станува збор и на кое истражување се повикувам. Инаку, ништо не ме чуди, а верувам дека и вас почитувани читатели, што 90 % од младите луѓе сакаат да заминат од оваа држава. Тоа се резултатите од децениските лоши политики коишто ги креирале и креираат властодршците. Тоа се резултатите од децениската корупција, непотизам, партизираност и неефикасните институции, кои произлегуваат од истите оние политички партии кои 30 години ја „подаваат“ власта една на друга.

Во неколку наврати во минатите колумни пишував за приватниот сектор, но ќе кажам и сега – одливот на младите луѓе најмногу се одразува врз приватниот сектор. Негативно. Компаниите во ситуацијава се најголемите губитници, бидејќи веќе три децении губат млади работници, а земајќи ја во предвид дека ситуацијата не е нешто променета- ќе продолжат да губат. Тоа и самите го знаат. Па така, наместо да имаме приватен сектор кој ќе се развива, тој ќе стагнира.

Секаде низ светот се бара млада работна сила, па вклучително и во Македонија, но ете, ние во голем дел ја губиме, а западните држави ја добиваат.

Прочитав пред некој ден дека Владата на Германија претставила план со кои уште повеќе ќе се отворат вратите за работниците од земјите кои се надвор од Европската унија. Како што се вели, според нацртот на планот, странските работници повеќе нема да бидат ограничени само на професијата, а тоа значи дека, на пример, еден градежен работник ќе може да работи како возач или келнер.

При разгледување на апликацијата за работна виза, искуството ќе добие тежина, а преводот на квалификации на германски ќе изгуби важност за влез во Германија. Планот вклучува и иновативен систем за бодување за работници од трети земји, вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан, стои во текстот објавен од повеќе домашни медиуми.

Самиот по себе, овој потег пренесува една многу добро позната порака – „Ајде, дојдете кај нас“. Земајќи ја оваа порака во предвид, младите го ставаат прстот на глава и во себе си велат: „Ова е одлична вест. Ќе добијам можност да заработам, а и со оглед на тоа што ќе се отвори можноста да се има двојно државјанство ќе си останам таму и ќе си оформам фамилија. Зошто децата да ми растат во корумпирана држава базирана на непотизам и неподнослива бирократија?“ Е, вака размислуваат најголемиот дел од младите луѓе во Македонија. А тоа го знам, бидејќи и јас самиот имам поминато низ тој процес на размислување.

Во услови кога се соочуваш со егзодус од такви размери, а во меѓувреме младите ти најавуваат уште поголемо незадоволството од ситуацијата во државата, ништо не правиш со тоа што само даваш изјави дека се работи на „тоа и тоа“, а во пракса ништо не преземаш. Потребен е конкретен план и посветеност за да се надмине овој децениски проблем поради кој најмногу се кочат работите во државата.

Но, за да можат младите да ти веруваат, прво треба да расчистиш со корупцијата, непотизмот и местењето на тендери или како што би рекла градоначалничката на нашата метропола „пикање на рачето во медот“. Без да се направи ова, нема шанси ниеден млад човек да поверува дека нешто ќе биде подобро во Македонија.

И да не заборавам – овие луѓе, особено младите, коишто се останати во Македонија, се останати поради огромната љубов за татковината и надежта дека работите ќе бидат подобри.

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.