ПравдаСветСветот на работникот

Американските компаниите ќе го плаќаат трошокот за абортус

Голем број американски компании ќе започнат да им даваат поддршка и финансиска помош на вработените жени кои бараат абортус во државите што ја забранија оваа постапка, по одлуката на американскиот Врховен суд во петокот да ја поништи значајната пресуда „Роу против Вејд“ со која беше легализиран абортусот во целата земја, пренесува „Гардијан“.

Со оглед на тоа што потенцијално милиони жени наскоро ќе сакаат да ги преминат државните линии за постапката на абортус, многу работодавци им дале пакети за „критична здравствена заштита“ како дел од бенефициите на вработените.

Мерките ја одразуваат зголемената одговорност што ја чувствуваат бизнисите за да одговорат на притисокот од инвеститорите, клиентите и од вработените во време кога корпоративните вредности не се во согласност со законодавството на државите во кои тие имаат седиште или каде што се наоѓаат нивните вработени, пишува „Гардијан“.

Голем број банки и технолошки фирми најавиле дека ќе ги покријат патните трошоци за американските работнички кои имаат потреба од абортус како дел од нивните медицински придобивки. Откако во петокот беше објавен пресвртот од Врховниот суд, Бенк оф Америка и „Голдман Сакс“ им се придружија на „Ситигруп“ и на „ЏП Морган Чејс“ во понудата на поволности за патување.

И технолошките фирми сакаат да ги задоволат потребите на вработените. „Мајкрософт“ соопшти дека ја проширува својата финансиска поддршка за „критичната здравствена заштита“ уште кога беше обелоденета нацрт-верзијата на мислењето на Врховниот суд што го укина „Роу против Вејд“.

Надомест за патувања за абортус најавија и „Епл“, „Мета“, „Тесла“, „Дизни“, „Варнер Брос дискавери“, „Нетфликс“ и „Амазон“. По поништувањето на пресудата, сега секоја држава во САД одделно ќе треба да одлучува за законитоста на абортусот.