Анализа на пазарот на труд: Овие вештини ќе бидат заменети до 2030 година
Вештачката интелигенција целосно ќе го трансформира начинот на кој функционираме на работното место – од самите вештини, до начинот на работа.
До 2030 година, дури 70% од вештините што денес се користат на повеќето работни места ќе бидат променети, покажуваат најновите податоци на LinkedIn. Ова го истакна Ендру Симан, уредник за теми поврзани со вработување и кариерен развој на LinkedIn News, кој објаснува дека податоците се добиени преку анализа на најчесто споменуваните вештини во огласите за работа, како и вештините што корисниците сами ги наведуваат на своите профили.
Во анализата се земени предвид историски трендови и предвидувања за тоа кои вештини може да ги реплицира вештачката интелигенција. Сепак, Симан нагласува дека овие вештини нема целосно да исчезнат – тие ќе еволуираат. Во ова се согласуваат и други експерти, пренесува CNBC Make It.
Повеќе нема да внесувате, туку ќе управувате со податоци
Во блиска иднина, работодавците ќе користат вештачка интелигенција за да ги унапредат способностите на своите вработени. „Можеби веќе нема рачно да внесувате податоци, но ќе управувате со нив,“ вели Симан. Притоа, денес атрактивните занимања како што е prompt инженер, би можеле да прераснат во пошироки улоги за управување со вештачка интелигенција и големи јазични модели.
Со други зборови, здодевните и рутински задачи ќе ги преземе AI, додека луѓето ќе ги надгледуваат и организираат тие процеси.
Не сите професии ќе бидат подеднакво погодени
Занимањата што вклучуваат мануелен труд или уметнички изведби – како градежни работници или музичари – ќе бидат помалку изложени на овие промени. Од друга страна, професии како софтверски инженер, веб-дизајнер или касиер, ќе претрпат значителна трансформација. AI ќе преземе дел од нивните задачи, со што работниците ќе станат попродуктивни.
„Во иднина, можно е една личност да заврши работа што порано ја извршувале неколку,“ додава Симан.
Клучот е во прилагодување на промените
За да останат конкурентни, работниците мора да се навикнат на постојаната еволуција на вештините. „Луѓето мора да се помират со фактот дека вештините се менуваат. Тоа е единствениот начин да се одржи конкурентноста на пазарот на труд,“ истакнува Симан.
Првиот чекор е редовно следење на листите со барани вештини на платформи како LinkedIn, Upwork и Indeed. Доколку забележите вештина што ви изгледа интересна или корисна, вклучете ја во вашиот план за учење – преку туторијали, онлајн курсеви или работилници. Ако познавате некој што веќе ја поседува, побарајте да ве запознае со основите.
Извор: BIZlife.rs

