АПСУРДНО Е ДА СЕ ЗБОРУВА ЗА ДРУГО КОГА ИЛЈАДНИЦИ РАБОТНИЦИ НЕ ЗЕМААТ НАВРЕМЕ ПЛАТА
Постојано читаме, а и јас лично пишувам, за тоа што бараат младите работници. Пократки работни часови, службени автомобили, катчиња за миленичиња, тератани… Ова се дел од работите кои се наоѓаат на нивната листа, но Македонија е сѐ уште светлосни години далеку воопшто да отвора дискусија за вакви бенефиции, а камо ли да ги спроведе.
Реално, би требало и ние да зборуваме за воведување вакви новини и кај нас, но проблемот е што сѐ уште не можеме да се справиме со основните проблеми – како исплата на со труд заработените пари. Се случува илјадници работници да не земат плата, што е срамота и греота за една држава која претендира да стане членка на Европската унија, каде газдите кои не исплќаат навремено плати се соочуваат со големи последици.
Во Македонија, последици скоро и да нема. Можеби ќе платат по некоја казна и сѐ ќе се сведе на тоа. Очигледно казните не се доволни, бидејќи неисплаќањето на платите продолжува понатаму. Последните податоци коишто успеав да ги најдам покажуваат дека преку 11 илјади работодавачи не исплатиле бруто плати за месец јули. Оваа информација е објавена во август.
И после истите овие газди излегуваат и велат дека имало недостиг на работници. Каква иронија, нели? Да не исплаќаш плати, а да се жалиш дека немало работници.
Многупати претходно имам пишувано за тоа дека помладите работници нема никакви шанси да се нафатат да работат во компании каде ќе им доцнат платите или воопшто нема да им ги исплаќаат. Преферираат да одат надвор од државата, на сезонска работа или да работат за странски компании од дома. И овој тренд ќе продолжи, а недостигот кој сега изнесува 10,000 работници, ќе се зголеми. Не дека јас така сакам, туку натаму оди работата.
Неисплаќањето на платата е само еден од проблемите со кои се соочуваат илјадници работници во ова мало парче земја. Да не зборуваме за условите за работа, неисплаќањето на прекувремените часови, неисплаќањето на К-15 во одредени фирми… Има многу проблеми. И наместо газдите да ги решат, тие се жалат дека нема работници.

