Арсовски: Работодавачите кои ќе отворат нови работни места, ќе добијат финансиска поддршка
Она што можеме да го кажеме како Влада за спроведувањето на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување почива на неколку принципи, меѓу кои принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор согласно принципите на правична и адевкатна застапеност на етничка, религиозна, полова, расна или која било друга ранлива категорија на граѓани, во согласност со стандардите и практиките на Обединетите Нации и Меѓународната организција на трудот, рече портпаролот на Владата Душко Арсовски одговарајќи на новинарско прашање.
Втор принцип, како што вели, е справување со негативните последици и последици врз пазарот на трудот и вработеноста предизвикани од пандемијата на Ковид – 19 и третиот, поттикнување рамномерене регионален развој согласно податоците од бирото за регионален развој и степенот на развиеноста на планските региони во Р. Македонија.
„Оперативниот план за 2021 година содржи мерки за лицата коишто се долго време надвор од пазарот на трудот. Се предвидува и поддршка за работодавачи, но само доколку тоа значи обезбедување нови вработувања и раст на правните субјекти“, рече Арсовски.
Арсовски посочи дека повеќе детали ќе даде Министерката за труд и социјална политика на прес – конференција.
Тој истакна дека за оваа програма се обезбедени една милијарда и петстотини шестаесет милиони денари и со планот ќе бидат офатени 10,279 лица.
Бобан Илијевски

