МакедонијаНовостиСиндикат

Без финансиска безбедност на медиумските работници не можеме да имаме слободни медиуми

   Време за читање 3 минути

Не може да зборуваме за слобода на медиуми ако немаме финансиски обезбедени новинари и медиумски работници, кои имаат и добри работни услови, но и се безбедни од разни закани и напади е констатацијата која произлезе од разговорот со првиот човек на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Павле Беловски.

Според Беловски, во Македонија има над 2,000 новинари кои пополнуваат над 3,000 работни позиции во медиумскиот сектор. „Ова значи дека еден медиумски работник работи и на по две работни места“, вели Претседателот на ССНМ.

Најголемиот дел од овие работници се со потпросечни плати, што кај нив уште повеќе ја поттикнува желбата да ја напуштат професијата.

Новинарите и медиумските работници често работат и на авторски договори на полно работно време, нешто што е спротивно на Законот за работни односи. „Авторските договори се за ангажирање на уметници за да завршат некоја конкретна работа, а не за ангажирање на новинари на 8-часовно работно време. Оваа пракса мора да престане“, истакна Беловски.

Оваа пракса дополнително ја нарушува слободата на медиумските работници, бидејќи нив им е потребен сигурен статус за да можат да бидат слободни.

Беловски посочи и дека синдикатот добил репрезентативност во МРТВ, па сега треба да седне со раководството на телевизијата и да разговараат за унапредување на статусот на тамошните вработени. Апелира дека потребно е и сопствениците на приватните медиуми заедно со синдикатот да учествуваат на Економско – социјалниот совет, каде би можеле да преговараат за правата и обврските на вработените, како и да се склучуваат колективни договори на ниво на работодавач, нешто што во моментов во голема мера отсуства поради немањето волја од страна на работодавачите од медиумскиот сектор.

Извештајот на „Репортери без граници“ според кој Македонија е рангирана на 36 место и е за две места погоре од минатата година го оценува како подобрување, но вели дека добро е што повеќе нема само оценки, туку се даваат конкретни размислувања во однос на слободата на медиумите.

Една од работите што оваа организација ги нотира во Извештајот е дека политичките партии создаваат паралелни медиумски системи

„Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создаваат паралелни медиумски системи кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“, нотира меѓународната организација.

Извештајот нагласува и дека треба да се направи јасна дистинкција помеѓу онлајн медиумите кои објавуваат оригинална содржина и оние кои копираат и прават плагијат и констатира дека најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверба.

Фото: ССНМ

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси