СветСветот на работникот

Белата куќа: Нема заостанати плати за федералните работници на принуден одмор

Работниците на федерално ниво кои се испратени на принуден одмор за време на прекинот на работењето на американската влада веројатно нема автоматски да добијат надоместок, покажува нацрт-меморандумот на Белата куќа, до кој дојде Аксиос.

Според документот, Белата куќа смета дека актот познат како Закон за правичен третман на владините службеници (GEFTA) од 2019 година не обезбедува загарантирана и автоматизирана исплата на неисплатените плати на службениците кои се на отпуст, освен доколку Конгресот експлицитно одобри средства откако ќе заврши прекинот на работењето.

Овој став може дополнително да го зголеми притисокот од страна на американскиот претседател Доналд Трамп врз демократите во Сенатот да поддржат таканаречена “чиста” резолуција за финансирање на владата, без никакви услови поврзани со субвенциите за здравствена заштита.

Законот GEFTA, кој Трамп го потпиша за време на историскиот прекин на работењето во 2019 година, првично беше толкуван така што на работниците на принуден одмор им се гарантираше надоместок по завршувањето на идните прекини на работењето.

Меѓутоа, во новиот меморандум од Канцеларијата за управување и буџет (OMB) се тврди дека законот бил погрешно разбран, бидејќи неговата верзија била ревидирана девет дена подоцна за да се додаде формулација дека работниците ќе бидат исплатени “под услов да се донесе закон за апропријации со кој ќе се стави крај на застојот”.

Според Белата куќа, ова укажува дека Конгресот мора посебно да одобри средства за исплата на неисплатените плати.

Оваа анализа на OMB е во спротивност со гледиштата на Советот на економски советници и Канцеларијата за управување со персонал, кои претходно изјавија дека работниците на отпуст треба автоматски да добијат надоместок.