Останато

Првомајска колумна: Работниците остануваат на маргините на општествената пирамида

Автор: Бобан Илијевски

На повидок е 1 мај – Меѓународниот ден на трудот. Ден кога целото внимание се насочува кон работничките права и работникот. За жал, тоа така функционира кај нас – само 8 – март е денот кога се зборува за жената, а 1 – ви мај за работниците и нивните проблеми. 

Редакцијата на порталот Работник објави еден текст каде што издвојува 12 протести во контекст на 1 –ви мај. Дел од нив се заслужни за работничките права коишто ги имаме денес. 

Работниците во минатото ги давале своите животи за да се изборат за своите работнички права. И покрај тоа што наидувале на големи отпори од страна на земјопоседниците, газдите итн., тие сепак не се откажувале, а за тоа сведочат и протестите коишто ги споменав погоре. Да ја земеме само за пример Аферата Хејмаркет, во Чикаго, каде што работниците протестирале за воведување на осумчасовно работно време и како што се вели во текстот, некој од демонстрантите фрлил бомба во полицијата, а како одговор на тоа, таа убила од 5 до 5 луѓе и ранила над 200. Земајќи го ова во предвид, можете да замислите низ што поминувале тогаш работниците, коишто биле третирани како робови. 

За жал, робови има и денес. Некои газди си земаат за право да ги третираат работниците како да се машини за правење на пари и додека тие можат да си дозволат луксузни куќи, вили, автомобили, јахти и авиони, работниците едвај врзуваат крај со крај секој месец. Тука морам да напоменам дека еднаш во додека разговарав со еден мој пријател кој е адвокат, ми рече дека треба да се воспостави некој баланс, а тоа значи дека ако можат газдите да купуваат по  10 џипа, работникот да може да купи барем еден или два. Можеби малку е смешен примерот, но според мене го доловува соодносот којшто би требало да постои. 

Мора да се нагласи дека јазот помеѓу платите на менаџерите на компаниите и работниците постојано расте. Така е низ целиот свет. Јас не велам дека вработените треба да земаат исти плати со менаџерите, но доколку тие можат да добиваат бонуси и бенефиции по разни основи, можат и вработените. 

Да се вратиме на Меѓународниот ден на трудот и работните односи во Македонија. Јас би сакал да можев да кажам нешто убаво за ситуацијата со работничките права во Македонија, но за да го направам тоа ќе треба да лажам, па поради тоа што немам афинитети за лажење, ќе бидам многу искрен и ќе посочам дека нема некоја значајна разлика од изминатата година – работниците се повторно на маргините од општествената пирамида. 

Во Македонија се соочуваме со еден голем проблем, којшто го констатира и Светската конфедерација на синдикати во нејзиниот Индекс за прекршување на работничките права, за којшто имам зборувано во повеќе наврати но ќе повторам, каде што Македонија ја сместува во групата на земји во кои има системско прекршување на работничките права. Тоа значи дека самата држава, односно Влада, системски ги прекршува правата од работен однос на работниците чиј работодавач е(се мисли за вработените во јавниот сектор), па оттаму, ако Владата, која е најголем работодавач во државата ги прекршува работничките права, тогаш што да речеме за приватниот сектор. Кои права да ги побараат вработените во приватниот сектор кога државата која треба да им помогне, ги прекршува работничките права на своите вработени. Мислам, тоа е апсурд. 

Сметам дека за да може да се подобри ситуацијата со почитувањето на работничките права, прво треба да се започне од Владата, па да се продолжи со приватниот сектор, којшто би морал да ги почитува истите, доколку тоа го прави Владата. 

За на крај би сакал да Ви посакам среќен празник и да ви порачам дека сите заедно, секој на свој начин да придонесеме за подобрување на ситуацијата на работниците во Македонија.