ЕкономијаМакедонијаНовости

Бешлиев: Кризата ќе удри на земјоделско-прехранбениот и фармацевтскиот сектор

   Време за читање 2 минути

Состојбите поврзани со руско украинската криза се менуваат како во лош филм и сосема станува извесно дека сето тоа сигурно ќе има силно влијание врз македонската економија, а најголеми штети ќе претрпат земјоделско-прехранбената и фармацевтската индустрија, бидејќи тие учествуваат со најголем обем во трговската размена со Русија, вели за МИА извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев.

Тој вели дека директните штети ќе бидат загрижувачки, дури и драматични за одредени економски сектори и компании – членки на Македонско-руската стопанска комора, а индиректните штети бизнис секторот и граѓаните веќе ги чувствуваат. Постојан е растот на цените на енергијата, суровините, прехранбените и земјоделските производи на светскиот пазар и од тоа земјава ниту може, ниту ќе биде заобиколена, вели Бешлиев.

Тој оценува дека најавените санкции од македонска страна се во согласност со нејзината позиција и партнерите во меѓународниот поредок.

„Потребно е државата што порано да се организира и да преземе мерки за да не се најдеме затечени со оваа светска криза, која од ден на ден расте. Токму кога светската економија почна да излегува од повеќе од двегодишната здравствена криза и да ги залечува „раните”, сега се најде во виорот на руско – украинскиот спор, што е најлоша комбинација за економијата и стандардот на граѓаните, нагласува Бешлиев.

Тој додава дека посебно на удар ќе бидат производителите на праски, нектарини, јаболко, рана зелка и други земјоделски производи кои, доколку нешто драматично не се промени, ќе мора да бараат деловни партнери од други земји што воопшто не е едноставно во краток рок иако расте побарувачката на земјоделски производи во светот.

Последните неколку години, потсетува тој, обемот на трговската размена со Русија се движи околу 200 милиони американски долари и оваа земја е дваесетта по ранг трговски партнер на Република Северна Македонија.

Според него, прекинот на трговските односи ќе ги поремети и односите меѓу деловните луѓе од двете земји кои внимателно и макотрпно се развиваа во изминатите години.

Македонските власти во неколку наврати посочија дека кризата во Украина, предизвикана од рускиот напад ќе донесе економски предизвици, и покрај тоа што Русија и Украина не се големи трговски пазари на земјава, таа е отворена економија, па ќе ги почувствува индиректни последици од пореметувањето на европскиот пазар.