СветСветот на работникот

Би-Би-Си (BBC) отпушта 2.000 работници

Британската медиумска куќа Би-Би-Си објави дека во следните две години ќе укине меѓу 1.800 и 2.000 работни места, што значи дека секој десетти вработен ќе ја изгуби работата. Како причина ги наведоа „значајните финансиски притисоци“, пренесува SEEbiz.


Штедење од 575 милиони евра

Привремениот генерален директор на Би-Би-Си, Родри Талфан Дејвис, изјави дека куќата мора да заштеди 500 милиони фунти (575 милиони евра) во следните две години. Дејвис не ја исклучи можноста за укинување на цели програми или услуги.

„Со оглед на износот на заштедите што мораме да ги направиме, несомнено ќе се соочиме со големи и тешки одлуки, но мораме да делуваме разумно“, рече тој.

Деталите за промените што ќе ги почувствуваат корисниците на телевизиските, радиските и онлајн услугите ќе бидат претставени подоцна. Дејвис додаде дека целта е промените да се спроведат во наредните три до четири месеци без влијание врз основните услуги, иако е свесен дека укинувањето на работните места ќе биде „многу тешка работа“ за персоналот.


Најголемо кратење во последните 15 години

Би-Би-Си во моментов има околу 21.500 постојано вработени, а ова намалување на бројот на работни места ќе биде најголемото во последните 15 години. Најавените кратења веќе беа критикувани од новинарските синдикати, кои оценија дека тие ќе бидат погубни за вработените.

Овој медиум опстојува најголемиот дел благодарение на јавните финансии, но неговите приходи од 2017 година досега паднаа за 24%.

Извор: b92.net