МакедонијаСветот на работникот

Буџетот губи 250 милиони евра годишно поради нецелосно пријавените работници

Над 80.000 работници во Македонија работат како непријавени. Ова е сериозна бројка, но е далеку помала од онаа на работници кои работат нецелосно пријавени. Тоа значи дека се осигурени (најчесто на минимална плата), а остатокот од платата го добиваат во плик.

Минатата година Институтот за истражувања и економски политики „Фајнанс Тинк“ ја објави студијата „Грануларно испитување на неформалната економија во Македонија: Увид во неформалните работници, непријавената работа и нецелосното пријавување на доходот во домаќинствата“, којашто ја анализира сивата економија во Македонија. Според студијата, 11.8% од вкупно вработените работеле во неформалната економија, преведено во бројки тоа се над 80.000 работници. Доминатен дел од нив се неплатени семејни работници, од кои најголем се застапени во земјоделството. Други важни сектори за неформалните работници се градежништвото и трговијата.

„Тие обично работат во мали фирми, функционирајќи како самовработени лица или неплатени членови на семејството, често заработувајќи плата под минималната“, наведуваат од таму во студијата. Се додава дека овој вид на работници се претежно мажи со низок степен на образование, освен кај неплатените семејни работници, каде што доминираат жени.

Во студијата се наведува дека процените покажуваат оти нецелосно пријавената работа е далеку позначајна и пообемна отколку непријавените работници. Таа претставува 21.1 % од вкупниот инпут на труд или 69.7 милијарди денари од бруто додадената вредност (БДВ). Тоа се, околу 250 милиони евра изгубен годишен буџет, само по таа основа.

„Распространета е низ разни сектори, со најголем обем во апсолутна смисла во преработувачката индустрија. Наодите укажуваат на разни манифестации на непријавената работа низ секторите, во преработувачката индустрија главно како ’плата во плико’“, се истакнува во студијата.

Според ова, нецелосно пријавените работници многу повеќе ја оштетуваат државата од оние кои се целосно непријавени.

Студијата нагласува дека за да се намалат овие појави ќе биде потребен сеопфатен пристап на политиките, приспособен да одговори на различните аспекти на неформалната економија во Македонија.

„Усогласувањето на политиките со структурната динамика на непријавената работа е од клучно значење. Во секторите како што се трговијата на големо, трговијата на мало и поправка на возила, олеснувањето на започнувањето бизнис преку насочени иницијативи, како што се специјализирани програми за финансиска помош и бизнис поддршка, би можело ефективно да промовира формализирање“, стои во заклучоците на студијата.

„Спротивно на тоа, секторите како преработувачка индустрија и градежништвото бараат строг мониторинг за да се справат со нецелосно декларираните плати, што бара координирани напори од Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи. Дополнително, насочените интервенции, вклучително и засилено следење на приходите од вработување и едукативни кампањи за различни групи приходи, се од витално значење за да се намали недоволното пријавување на приходите и да се зајакне даночната основа“, се додава во студијата.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk