ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Винербергер од Виница 120 свои вработени ги направи акционери

   Време за читање 1 минута

Вработените во компанијата „Винербергер“ – Виница оваа година добија навистина уникатна новогодишна честитка. Имено, за постигнатиот успех во текот на 2022 година, на вчерашната новогодишна прослава 120 вработени добија понуда што не се одбива: да станат акционери во компанијата.

Овој гест од страна на компанијата е дел од Програмата за учество на вработените во профитот „Споделување на успехот на компанијата 2022“, чија цел е препознавање на трудот на вработените, зголемување на нивната верност и претворање на вработените во акционерски столб, кој секогаш ќе го има на ум најдоброто за компанијата. Доделувањето акции на вработените доаѓа како трето наградување оваа година, по годишниот регрес исплатен во вредност на една просечна плата во јуни и по тринаесеттата плата добиена месецов.

„Винербергер е компанија која е свесна дека вработените се клучен фактор за нејзиниот успех. Со овој редок начин на наградување на вработените во нашата земја, Винербергер дава одличен пример за тоа како вредните вработени се претвораат во задоволни вработени, а успешната компанија во уште поуспешна“, вели Владимир Златковски, директор на Винербергер во Македонија.

Винербергер АГ е најголем производител на тули во светот, лидер на европскиот пазар на глинени ќерамиди и цевни системи и лидер на пазарот на бетонски блокови во Централна и Источна Европа. Групацијата Винербергер има околу 200 производствени погони во 28 земји, кои вработуваат повеќе од 19.000 луѓе.

Групацијата постојано работи на унапредувањето на понудите за вработените, работните услови и работната средина, а нејзините акции во моментов котираат на Виенската берза.