ЕкономијаМакедонија

Влошена прогноза: Се очекува пад на БДП од 4,9 отсто

Народната банка заврши со ревидирање на прогнозата за растот на Бруто домашниот производ за оваа година. Според прогнозата БДП е на минус 4,9 отсто, со што е влошено за 1,4 процентни поени во однос на проекацијата во апрли кога се предвиде дека БДП ќе падне за 3,5 отсто. 

Овие податоци денеска на прес – конференција ги соопшти гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежоска. Таа на прес – конференцијата ги презентираше и најновите макроекономски проекции за оваа и за наредните години. 

Вториот бран на корона кризата, како и влошувањето на надворешната побарувачка за домашни производи кај нашите најголеми трговски партнери кои не се помалку погодени од продолжувањето на кризата, ќе придонесат македонската економија да има побавно опоравување наредната година.

Гувернерката истакна дека во 2021 година растот на БДП ќе биде 3,9 отсто, во 2022 ќе изнесува 3,6 отсто, а во 2023 година се предвидува раст од 4 отсто на БДП.

Оваа година се очекува пад кај сите компоненти што го сочинуваат Бруто домашниот производ, освен кај јавната потрошувачка, бидејќи беше зголемена како одговор на кризата. 

Најголем пад ќе забележат бруто инвестициите, 13 отсто, а личната потрошувачка 4 отсто. Извозот ќе биде помал за 11,7 отсто.