Вршење на друга работа, непредвидена во договорот за вработување
Вршење на друга работа, непредвидена во договорот за вработување
Многу често вработените знаат да се најдат во ситуација каде нивниот работодавач им налага да извршуваат одредени задачи кои не се во описот на нивното работно место или пак бара извршување на работни задачи од друго работно место. Иако ваквата ситуација првично можеби делува како да е противзаконита, тоа не е случајот секој пат.
Општиот колективен договор предвидува дека работникот има должност да врши и друга работа која не е предвидена со неговиот договор за вработување , но кое е во рамиките на неговата стручна подготовка. Ваквото прераспределување и делегирање на задачи задолжително се врши врз основа на писмен акт од страна на работодавачот.
Општиот колективен договор ги предвидува и случаите кога всушност е дозволено ваквото распределување и времетрањето на кое истото е ограничено, а тоа е не подолго од 2 месеци. Па така работник може по наредба на работодавецот да извршува други работни задачи во случаи:
– кога треба да се замени отсутен работник;
– кога е зголемен обемот на работата;
– ако на работното место на кое работи е намален обемот на работа;
– на елементарни непогоди кои се случиле или непосредно се закануваат и кога е неопходно за отстранување или спречување на последиците во случаите на природна непогода или друга несреќа;
– на неопходно завршување на започнат процес, чие прекинување со оглед на природата на технологијата на работата би предизвикало материјални загуби;
– на спречување на расипување на суровини и материјали, односно отстранување на дефекти на опремата и на средствата за работа;
– на завршување на итни и неодложни работи;
– во други случаи утврдени со колективен договор.
Во случај кога се работи за замена на отсутен работник кој е на подолготрајно боледување работникот е должен да врши и друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, а е во рамките на неговата стручна подготовка, врз основа на писмен акт од страна на работодавачот се додека траат причините но не подолго од една година. За целото време додека работникот извршува друга работа која не му е предвидена со договорот за вработување има право на еднаква плата каква што примал и на своето работно место, односно плата која е за него поповолна.
Тимот на Јуридика

