Во оваа земја не се работи многу, платите се добри и сите имаат по 32 дена одмор
Во свет каде што темпото е сè побрзо, граѓаните сè повеќе ја ценат рамнотежата меѓу работата и приватниот живот. Најновиот извештај Global Life-Work Balance Index 2025 ги рангира државите според тоа колку успешно им овозможуваат на своите граѓани да живеат подобро, а не само да работат помалку.
На врвот на листата се наоѓаат земји кои не само што нудат помалку работни часови, туку и значително подобри услови за живот: пристап до здравствена заштита, високи минимални плати, платен годишен одмор, родителски отсуства и општа социјална сигурност.
Нови Зеланд ја предводи листата со индексна оцена од 86,9 од можни 100. Таму, минималната плата изнесува 16,42 долари на час (околу 14 евра), додека секој работник има законско право на 32 дена годишен платен одмор. Дополнително, на родителите им следуваат 26 недели целосно платено породилно отсуство.
Ирска е веднаш зад Нов Зеланд, благодарение на својата универзална здравствена заштита и висока минимална плата. Земјите со силни системи на социјална заштита, како овие две, пријавуваат и поголемо задоволство од животот и подобро ментално здравје кај населението.
Скандинавските земји – Норвешка, Данска и Финска – исто така се меѓу најдобрите, што не е изненадување. Тие се познати по долги платени родителски отсуства и достапно здравство за сите. Норвешка, на пример, нуди дури 49 недели 100% платено породилно отсуство. Овие земји традиционално бележат високи резултати на листите за среќа и квалитет на живот, пред сè поради социјалната еднаквост и добрите системи за поддршка.
Топ 10 земји со најдобар баланс меѓу работа и приватен живот во 2025 година:
- Нов Зеланд
- Ирска
- Белгија
- Германија
- Норвешка
- Данска
- Канада
- Австралија
- Шпанија
- Финска
Овие податоци уште еднаш ја потврдуваат важноста на државните политики кои вложуваат во благосостојбата на луѓето, а не само во економската продуктивност. Балансот меѓу работата и животот станува клучен показател за вистински напредна земја.
Извор: BIZLife.rs

