ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Во пракса, работиме најмногу часови во регионот и Европа, а земаме најмали плати

Бобан Илијевски

Еден работник во Македонија којшто е ангажиран на полно работно време, во просек работи над 40 часа, неделно. Исклучок е пандемиската 2020 година, кога фондот на работни часови изнесувал 39,6 во просек. Сепак, факт е дека работните часови на работниците кај нас се меѓу најдолгите во Европа, но и регионот. Овие податоци ги покажува Заводот за статистика на на Европската унија, Евростат. 

Во 2019 година, односно пред пандемијата, во Европската унија во просек се работело 38 до 40 часа. 

Ако за пример го земеме фондот на работни часови во 2019 година, кога немаше корона криза, кој во Македонија номинално изнесувал 40.9 часа или заокружено 41 час, во просек и го споредиме со фондот на работни часови на вработените во земјите од регионот – (Бугарија 39.8, Грција – 39.9, Србија – 42.9 и Црна Гора – 43.8) може да се забележи дека имаме еден најголемите фондови на работни часови во регионот. Исто така може да се заклучи дека и земјите од регионот кој се дел од Европската унија (Грција и Бугарија, во случајов), бележат помалку работни часови во просек, во спомнатата година. Експертите велат дека во пракса во Македонија, се работи повеќе од 40 часови.

 


Во 2020 година пак, Македонците работеле приближно до 40 часа, Бугарите и Грците 39.5, Србите 42.4 и Црногорците 42.8 часови во просек. 


Најмногу работни часови, македонските работници работеле во 2011 година

Гледано по години во Македонија работните часови се движеле од 41 до 42 во просек (од 2011 до 2018 година, 2019 и 2020 година се споменати погоре), што дополнително покажува дека долги години наназад сме нација која има едни од најдолгите работни часови во регионот и Европската унија. 

Работни часови во Македонија, во период од 2011 до 2020 година Извор: Евростат

Според Универзитетскиот професор по трудово право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Лазар Јовевски, намалувањето на фондот на работни часови во 2020 година, најмногу се должи на пандемијата, бидејќи имаше отпуштања на работници, а некои од нив беа испраќани на принудни одмори. Но исто така причина е и тоа што не биле евидентирани работните часови на оние кои работеле од дома, за кои Јовевски вели дека им биле давани работни задачи и по завршувањето на работното време. 

Сите овие причини, појасни тој, довеле до тоа да има намалување на работните часови во Македонија. 

Јовевски, исто така смета дека дополнителни фактори кои влијаеле на намалувањето на работните часови во 2020 година се и работењето на половина работно време, на скратено работно време, како и работењето кај двајца работодавачи, истовремено. 

Податоците треба да се земат со резерва

Статистиката за тоа дека се работело 39 часа во 2020 година е нереална, вели Јовевски, поради тоа што еден од најголемите проблеми е токму евидентирањето на прекувремената работа. 

Тука имаме многу пропусти во пракса и сметам дека фондот на часови е многу поголем, но не е евидентиран. Многу луѓе работат прекувремено, но неевидентирано и не платено. Овој статистички податок треба да се земе со резерва, знаејќи ги приликите во Македонија коишто ги има во пракса. Сметам дека на база на анализиите коишто ги имам напреавено со мојот тим, во Македонија се работи повеќе од 40 часа во просек“, истакна Јовевски. 

Дали не очекува зголемување на фондот на работните часови? 

Сепак, и во земјите членки на Европската унија се менуваат работите. Во текот на вториот квартал на 2021 година, според податоците на Евростат, има вкупно зголемување на работните часови од три процнети. Зголемувања се забележани во повеќе земји членки, а најголем раст на обемот на реалното работно време е забележано во Грција, за дури 18 %. Но, зголемувањето на работните часови во ЕУ, професорот Лазар Јовевски смета дека нема да се преслика и во Македонија. 

„Економските параметри покажуваат дека генерално нема да се зголемат работните часови на вработените во Македонија, од причина што нема големи поместувања во однос на работната сила, да се отвораат нови работни места, кои ќе значат зголемен обем на работа. Оттука, бидејќи зголемениот фонд на часови е поврзан со зголемениот обем на работа, овој аспект отпаѓа, освен во индивидуални исклучоци, каде што отсекогаш се појавувало. Ова е на краток рок и секогаш станувало збор за субјективни моменти, а не други чинители коишто делуваат како економски параметри“, вели Јовевски.

И пред пандемијата, во Македонија економската слика беше слична, односно во одредени струки имаше недостиг на работна сила, објасни Јовевски и додаде дека со пандемијата обемот на работа се намали и со тоа се отпуштја голем број на вработени, по што се зголеми процентот на невработеност во државата. 

Ова според него, значи дека оние компании кои треба да ги зголемат нивните капацитети, имаат на располагање “базен“ од невработени, од каде што можат да црпат и на тој начин да покриваат одредени потреби од работењето, со нова работна сила. Оттука, вели тој, на пазарот на труд нема недостиг на работна сила, за да веќе вработените бидат дополнително ангажирани и поради тоа да се зголемуваат фондовите на часови. 

Сепак, тој не ја исклучува можноста и во одредени сектори да се зголеми фондот на работни часови. „Од друга страна, може да станува збор за неизвеснот којашто ја имаат работодавачите, при носењето на одлуки, па не се одлучуваат да вработуваат нови луѓе, туку со веќе вработените пробуваат да покријат одредени работни задачи коишто компанијата треба да ги заврши“. 

Ова, според него е лош индикатор. Доколку расте број на часови, а не расте вработеноста, најчесто станува збор за зголемување на обемот на работа на веќе вработените, што може да значи дополнителен приход за нив, но за економијата и државата не е добро. 

Ако се зголемува фондот на часови на вработените, значи дека не се вработуваат нови луѓе. Работодавачите се обидуваат со веќе постоечките вработени да го пополнат недостигот на работници преку зголемување на обемот на работата. Затоа сметам дека кај нас нема некое значително зголемување на обемот на работа на компаниите и од тој аспект не гледам дека ќе се зголеми фондот на часови на веќе вработените“, рече Јовевски 

Уште еднаш подвлече дека ова е генерална слика, што не значи дека одредени компании, како што досега им даваа дополнителна работа на веќе вработените, ќе се обидуваат со нив да ги пополнуваат празнините во однос на човечките ресури. 

Имено, платите на македонските работници во Европа се едни од најмалите, па така испаѓа дека работникот во државата работи едни од најдолгите работни часови, а зема најмала плата. 

Колку за споредба, во Србија просечната нето плата изнесува 549 евра, во Бугарија 600 евра, Црна Гора 534 и во Грција околу 917 евра. Во Македонија просечната плата изнесува 469 евра, но во пракса македонските работници, односно 70% од нив, земаат минимална плата.

Фото: IStock/Unsplash