СветСветот на работникот

Вработените работат помалку, а постигнуваат повеќе: Шест земји тестираа четиридневна работна недела – еве ги резултатите

Шест месеци откако започнаа со четиридневна работна недела, вработените кои учествувале во експерименталните програми во шест земји пријавиле подобро ментално и физичко здравје, помал стрес и поретко чувство на „брнаут“.

Резултатите од меѓународниот пилот-проект, спроведен во Австралија, Канада, Ирска, Нов Зеланд, Велика Британија и САД, укажуваат дека пократката работна недела би можела да ги унапреди здравјето и благосостојбата на работниците – без негативно влијание врз продуктивноста.


Истражување што ги менува правилата на игра

Новата студија, објавена во престижното списание Nature Human Behaviour, уште еднаш потврди дека скратеното работно време може да има корист и за работниците и за работодавачите.

Во истражувањето учествувале 2.900 вработени од 141 организација, кои ја намалиле работната недела за 20%, односно од 40 на 32 часа – без намалување на платите. Претходно, компаниите поминале низ двомесечна обука и внатрешна реорганизација, со цел да се зголеми ефикасноста и тимската соработка.

По шест месеци, резултатите биле јасни:

  • Помалку симптоми на „брнаут“,
  • Подобро ментално и физичко здравје,
  • Поголемо задоволство од работата.

Во споредба, кај 12 американски компании кои не го промениле работното време, не се забележани значајни разлики во здравјето и расположението на вработените.


Помал замор, подобар сон, повеќе енергија

Најголеми придобивки се забележани во три области:

  • Поголема работна способност,
  • Помалку проблеми со спиењето,
  • Намалена ментална и физичка исцрпеност.

Сонот се покажал како клучен фактор за целокупното здравје, објаснува социологот Брендан Бурчел од Универзитетот во Кембриџ:

„Врската меѓу квалитетниот сон и здравјето е силна и недвосмислена.“

Испитаниците претходно работеле просечно 40 часа неделно, што значи дека со четиридневната недела преминале на 32 часа – што е приближно и до актуелниот просек во Холандија. За споредба, просечната работна недела во ЕУ изнесува 36 часа.


Компаниите не се вратија на старо

Повеќето од организациите продолжиле со скратеното работно време и една година по завршувањето на пилот – проектот, а позитивните ефекти не се намалиле со текот на времето.

„Нема докази дека задоволството опаднало, ниту дека перформансите се влошиле,“ вели Бурчел.


Културни и структурни предизвици

Сепак, авторите на студијата укажуваат на можни ограничувања. Дел од учесниците можеби прецениле некои од позитивните ефекти, надевајќи се дека експериментот ќе остане траен. Исто така, компаниите што доброволно учествувале можеби и претходно имале наклонетост кон пофлексибилни модели.

Професорката Вен Фан, коавторка на студијата и професорка по социологија на Бостонскиот колеџ, за Еуроњуз изјави:

„Ефектите врз благосостојбата се прилично конзистентни – без разлика на земјата, индустријата или типот на компанија.“

Таа додава дека традиционалната корпоративна култура сè уште промовира долги работни денови и физичко присуство на работното место, што го отежнува прифаќањето на нови модели.


Што значи ова за иднината?

Иако студијата е спроведена во развиени, англискоговорни земји, авторите сметаат дека нејзиното значење е глобално.

„Од пандемијата наваму, сè повеќе луѓе и организации имаат храброст да замислат поинаков начин на работа,“ заклучува Бурчел.
„Овој модел има потенцијал да влијае на идните политики и деловни практики на светско ниво.“

Извор: EUpravo zato/Euronews