Вработување на странски државјани
Вработување на странски државјани
Миграцијата како феномен генерално се поврзува со македонските граѓани, но што во ситуација кога постои можност за наплив на голем број на странски државјани во нашата земја? Македонскиот пазар на труд останува кревок и подложен на осцилации па затоа е особено важно да биде заштитен. Во овој контекст Законот за вработување на странци утврдува начин на заштита на домашниот пазар на труд со утврдување на квоти на работни дозволи за странци кои можат да бидат ангажирани на територија на Република Македонија.
Квотата за работни дозволи за странци кои можат да бидат работно ангажирани на територија на Република Македонија до Владата ја предлага министерот од МТСП по предлог на Агенцијата за вработување на Република Македонија, во соработка со министрите одговорни за соодветните области, согласно со законските прописи, за која свое мислење може да даде и Економскиот социјален совет.
Ваквите квоти нема да ги опфаќа странците: на кои врз основа на договор за реципроцитет со Европската унија им е дадена еднаквост со државјаните на Република Македонија, или кои во Република Македонија ќе вршат активности врз основа на меѓународен договор кој Република Македонија го има склучено со друга држава, врз принцип на реципроцитет; како и професионални спортисти и спортски работници. Не се опфатени ниту оние кои се привремено упатени од странското правно лице во регистрирана филијала или друга организациската единица во Република Македонија за вршење на раководни или специјални работи и оние кои се вклучени во реализација на проекти за развој подржани од Владата.
Владата може да ги намали и менува квотите за вработување и работа на странци по региони, области, правни лица и работни места. Исто така, може да поставува ограничувања и забрани на приливот на нови странски работници во целост или во одредени општини, ако постојат добро основани причини дека ова е од јавен интерес или општ комерцијален интерес.
Тимот на Јуридика

