СветСветот на работникот

Гастарбајтерски приказни: „Кој мисли дека со 2.000 евра на Запад се живее комотно, горко се лаже“

Се поголем број граѓани од Балканот кои заминуваат да работат во странство, се соочуваат со реалност далеку поинаква од очекувањата. Една дискусија на форумот Редит отвори суштинска расправа за вистинскиот живот на гастарбајтерите низ Европа, и покажа дека високите трошоци за живот не се исклучиво балкански проблем.

Дискусијата ја започна еден корисник кој работи во странство со луѓе од целиот континент. „Разговарајќи со луѓе од Италија, Франција, Чешка, па дури и од Германија, сфаќаш дека и тие имаат слични проблеми како ние. Половина плата оди на кирија, цените на станови се нереално високи, евтината работна сила од Истокот ја руши цената на трудот, расте национализмот, има критики кон ЕУ, инфлација, поскапувања…“, пишува тој.

Иако признава дека ситуацијата во Хрватска можеби е потешка од онаа во Западна Европа, вели дека е заблуда да се мисли дека проблемите се уникатни за Балканот. „Кога ќе ги слушам нив, како да разговарам со просечен Хрват.“

Следеа бројни коментари од луѓе кои живеат и работат во странство. „Работев во неколку земји од ЕУ, и кога станува збор за купување недвижнини, ситуацијата е иста. Доколку сакаш да купиш стан, потребен ти е кредит што ќе го отплатуваш 30 години. А ако изнајмуваш, најевтин стан е 1.000 евра месечно. Со плата од 2.000–2.500 евра, никој нема да живее луксузно. Но ако ја споредиш ситуацијата со таа во Загреб, каде за мизерен стан плаќаш 500 евра, а земаш плата од 900, тогаш има логика зошто луѓето заминуваат“, пишува еден од коментаторите.

Друг пак додава: „Со плата од 2.500–3.000 евра, ако плаќаш 1.000 за кирија, нема да живееш раскошно, но ќе имаш за храна, излегување, патувања и други нешта кои кај нас се луксуз.“

Но и таа претпоставка не важи за сите региони. „Каде има кирија 1.000 евра месечно? Јас плаќам 1.500 во предградие на Минхен. Во градот цените се од 1.800 евра па нагоре“, вели друг.

„Во Ерланген, кај Нирнберг, двособен стан од 60 m² е 700 евра со вклучено греење. Во тие области цените одат до 1.100 евра максимум. Германија не е само Минхен и Франкфурт“, одговара друг.

Иако стандардот на Запад е повисок, многумина забележуваат дека повеќе не важи старата гастарбајтерска формула – да се оди во Германија и да се вратиш со пари за куќа и ново БМВ. „Во Германија се одеше за да се заработи, а не за да се живее од месец за месец“, напиша еден корисник.

Искуствата се различни, но пораката е слична: животот на Запад е скап, и колку и да се повисоки платите, високите трошоци ја јадат предноста. За некои, тоа сепак значи подобра стабилност отколку што ја имаат дома. Но илузијата за лесен живот со 2.000 евра – одамна е срушена.

Извор: b92.net