ИнтервјуаСветот на работникот

Генералниот директор на „Нептун“ Горан Цветинов: Вработените уживаат повеќе бенефити, еден од нив е флексибилно работно време

Бобан Илијевски 

Нептун Македонија е најголемиот ланец на маркети за бела техника и електроника во Македонија. Оваа компанија воедно е и една од ретките која во Македонија уште во 2018 година воведе флексибилно работно време за своите вработени, конкретно за мајките на деца до една година. Компанијата Нептун заедно со Ист гејт се дел од групацијата Балфин. 

Во денешното интервју разговараме со Генералниот директор на Нептун Македонија, Г-дин Горан Цветинов, токму на прашања повразани со вработените во продажниот ланец.

Имено, Г-дин Цветинов од самиот почеток на компанијата, односно 20 години е дел од неа. Започнал од најниската позиција, па како што компанијата се развивала, така тој напредувал и дошол до позцијата генерален директор. 

Во продолжение целосното интервју:

Работник: Колку вработени брои компанијата Нептун Макдонија, вклучувајќи ги оние кои се дел од сестринските компании (Нептун Македонија, Сервис Македонија и Нептун Лојалити)?

Г-дин Цветинов: Вкупниот број на вработени во трите компаниии е 420.

Работник: Во 2018 година воведовте „флексибилно и скратено работно време за мајките на деца до една година“? Како ова се одрази врз продуктивноста на работничките?

Г-дин Цветинов: Флексибилното и скратено работно време за мајките на деца до една година сè уште се применува и има позитивен импакт врз работата. Работните задачи редовно и навремено се извршуваат и продуктивноста е на задоволително ниво.

Работник: Планирате ли да воведете или веќе имате воведено нови начини за флексибилна работа коишто би ги опфатиле сите вработени?

Г-дин Цветинов: Вработените во Нептун Македонија уживаат повеќе бенефити меѓу кои е флексибилно работно време и можност за работа од дома. Ова придонесува за поголемо задоволство кај вработените, со позитивни резултати во работата.

Работник: Со оглед на тоа дека голем дел од Вашите вработени работат во продажните салони, логично е тие да не можат да работат на далечина, но дали вработените во дирекцијата, односно оние кои работат во канцелариите работеа од дома во екот на пандемијата?

Г-дин Цветинов: Пандемијата која трае веќе две години и го промени начинот на функционирање за сите нас имаше влијание и на работењето на компанијата. Се навикнавме на „новото нормално“ и условите кои истото ги диктира.

Нептун Македонија, како компанија која се грижи за своите вработени, на почетокот на пандемијата донесе компаниска одлука сите вработени, според можностите да ги извршуваат своите работни задачи од дома. Секако овој модел го адаптиравме согласно потребите понекогаш да се работи во канцеларија и тоа менаџментот заедно со својот тим многу успешно го спроведоа.

Работник: Што, како компанија, генерално мислите за работата на далечина?

Г-дин Цветинов: Во однос на ова прашање кое се наметнува изминатиот период, полека пробуваме да се навикнеме, а знаете навиките тешко се менуваат 😊 па поради тоа, впечатокот е дека поголемиот дел од вработените преферираат работа во канцеларија.

Работник: На што пандемијата Ве научи како компанија во изминатиот период? На што повеќе треба да посветите внимание во Вашето работење?

Г-дин Цветинов: Ковид 19, кој стана наше секојдневие, ни помогна да потврдиме дека со добар тим, без оглед на условите и околностите, успехот е загарантиран. Знаете како велат: „Доброто со добро се враќа“, изрека која ја отсликува Нептун Македонија како компанија и нејзината грижа за своите вработени. Секоја компанија, за да има среќни, задоволни и посветени вработени, треба да вложува во нив, да ги мотивира и поддржува.

Фото: Денар