Германија во потрага по работници – младите се „гадат“ од овие професии
Германските занаетчиски компании се соочуваат со голем недостаток на работници.
Најбарани се електроинсталатерите и водоинсталатерите, како и занаетчии во автомобилската и месната индустрија.
Лиса Риш на северот од Баварија во текот на изградбата на куќата морала безброј пати да телефонира и долго да чека за мајстори. И тоа покрај фактот што една година однапред го започнала планирањето и координацијата на термините со различни занаетчиски компании.
„Понекогаш моравме да чекаме подолго бидејќи сите компании кои ги баравме веќе имаа закажано термини и немале доволен број на работници. Некои градежни зафати моравме самите да ги направиме, а потоа изградбата тргна малку побрзо“, вели таа, пренесува Дојче Веле.
„Работниците се најважен капитал“
Семејството Риш не можело само да го инсталира соларниот систем за производство на електрична енергија на кровот од својата куќа. Поради тоа ја ангажирала компанијата БСХ – Енерџи која, покрај фактот што има 150 вработени, се соочува со постојана трка со времето за да ги испочитува договорените работи:
„Секако, се трудиме да ги почитуваме сите договорени термини, но нашите работници имаат ветено слободно време“, вели генералниот директор на компанијата Кристијан Гринберг. „Тоа е една од причините поради кои понекогаш мораме да ги одбиваме клиентите, бидејќи нашите работници се најважниот капитал и не можеме да ги тераме да работат седум дена во неделата“, истакнува тој.
Компанијата на Гринберг, според една актуелна студија, спаѓа во листата на компаниите кои се особено погодени од недостатокот на работници. Тоа е пред се евидентно во доменот на занаетчиските занимања во производството и градежништвото.
Од 26 занаетчиски занимања во кои особено недостасуваат квалификувани работници, 17 се од оваа бранша. Тука спаѓаат, на пример, градежните електроинсталации, водоинсталциите, греење и климатизација. Но квалификувани работници очајно се бараат и во секторот преработка на месо.
Големи регионални разлики
Седиштето на компанијата БСХ – Енерџи е во еден од регионите во Германија кои се најмногу погодени од недостатокот на квалификувани работници. Бидејќи, според споменатата студија, особено на југот и југозападот на Германија, во Баварија и Баден Виртемберг има евидентен недостаток на работна сила.
Така германската Агенција за вработување во Анзбах, Швајнфурт и Вирцбург, помеѓу невработените не успеала да најде соодветни работници за повеќе од 70 % од непополнетите работни места. Помалку погодени подрачја се Северна Рајна – Фестфалија, како Келн и Рурарската област.
За да се отстрани недостатокот на квалификувани работници во занаетчиските дејности потребен е подмладок. Но, и покрај постоењето на бројни училишни установи ширум Германија, релативно е мај бројот на ученици кои се одлучуваат за занаетчиска струка.
„Потребни ни се многу млади за стручна обука во разни занаети“, вели Франц Ксавер Петерандерл, Претседател на баварските занаетчии. „Во Баварија бројот на ученици во занаетчиските струки опаднува за околу пет проценти годишно; во целата земја тој негативен тренд е делумно уште поизразен.“
Во текот на 2020 година, во Германија склучени се 129,459 нови договори за стручна обука во претежно занаетчиски бранши, што во однос на претходната година е за 10,000 помалку. Тоа е пад за околу седум проценти.
Младите повеќе сакаат да студираат
Според мислењето на претседателот на Занаетчиската комора, причините за непривлечност на занаетчиските занимања е недостатокот на информации за можностите кои нудат занаетите.
„Овде обучените занаетчии можат да се развиваат и да заземат дури раководни позиции. Многу млади луѓе имаат погрешна претстава за можностите за заработка од занаетчиството“, вели Петерандерл.
Младите по завршувањето на школувањето се одлучуваат да студираат наместо за стручна обука за некој занает. „Утврдивме дека околу 30 % од младите кои се одлучуваат за студирање, го напуштаат универзитетот без диплома. Младите луѓе ги сакаме помеѓу занаетчиите.“
Извор: Дојче Веле
Илустрација: visivastudio/Shutterstock

